Еден ден со Марија Савеска

Продолжуваме со објавување на вториот текст од серијалот, чиј автор е хипер-активната тинејџерка Марија Савеска

Сабота. Ден викенд. Ден кога училиштата се затворени и треба да ги наполнам батериите за следната недела, но за мене и саботата има работен ритам.
Јас ја одбрав саботата како најинтересен ден бидејќи останатите денови ми се исти. Станувам, учам, одам на училиште, се здрвувам од седење на часовите и поради тоа едвај чекам да си одам дома, но останувам на сите часови. Кога останувам до крај и ги слушам професорите кога предаваат, побрзо запамтувам и полесно учам. Така си олеснувам себеси околу учењето, но за сметка на тоа моето тело трпи.

Саботниот ден ми започнува порано. Се будам по навика, без да ми ѕвони алармот. Бидејќи сама не можам да станам и треба некој да ме дигне, прво наслушувам дали некој е станат. Дали се слушаат чекори по станот или тропкања во кујна од мајка ми која подготвува доручек или татко ми вари кафе или пак пак било кој од нив двајца ја раскрева машината за садови. Ако не слушнам ни еден од овие звуци, тогаш почнувам да викам. Мамооо, татоооо…! Некогаш дури и ги будам, а некогаш ме слушнале дека правам некое движење се вртам на страна и пред да викнам се до мене.

За да можат да ме дигнат и да ме пренесат во тоалетот, ме тераат сама да седнам. Уште не расонета, не баш ми е мило да се движам толку многу. Ама морам. Не ми попуштаат. Ако не седнам, не ме дигаат. Откако ќе седнам, нивните нозе ги стават околу моите стапала за да застанам. Потоа ме дигаат. На неколку чекори е тоалетот. И за соблекување ми помагаат. Додека сум уште таму, мајка ми ме тушира односно ми помага. После туширањето, за да ме префрлат ме седнуваат во количка, бидејќи сум многу тешка и не можат да ме носат. За облекување исто така ми помагаат.

Како и секое друго утро, по облекувањето следува навиката пиење мед со топла вода. Потоа појадуваме заедно. Многу брзо по појадокот ми почнува часот по германски јазик. Дома ни доаѓа професорката за да ни олесни. Секогаш ни недостасува време заради тоа што ни треба многу време. Облекување, префрлање по количките, симнување, сместување во кола, местење на каишите за моја безбедност, запирање со местењето за да се собере рампата за да помине некоја кола бидејќи тие што се брзаат возат преку рампата загрозувајќи ни ги животите; барање место за паркинг или обележано место за паркирање. Затоа курсот по странски јазик се одлучивме да се одржува дома. На часот присуствуваат и моите родители за да можат и тие да научат колку мене за да ми помогнат. Најактивен е татко ми. Постојано се шегува и го прави часот забавен.

По часот морам на кратко да се одморам бидејќи ме боли задникот од седење, а исто така и грбот. Додека одмарам, ги гледам епизодите од двете омилени тинејџерски серии. Завршуваат а јас седнувам да учам, бидејќи немам многу време. Тренингот во “ЕУРЕКА” е обично во 13:30 часот. Пред тренингот морам да ги одморам задникот и грбот. Некогаш тренингот го продолжуваме зависно од доцнењето на членовите или од матријалот кој треба да се сработи. Некогаш подготвувме настап, па и тоа ни одзема повеќе време.

Уметноста ја сакам многу. Најпрвин го засакав пеењето и почнав да пеам по забави уште многу мала. На една забава каде што бев поканета ја запознав со тетка Ребека Јанковска Ристески, и таа ме покани на еден нејзин настан кој што се викаше “Бал на различности”, каде што сите лица со попреченост кои имаа некаков талент и хоби можеа да настапат и да си ги покажат своите можности. Тетка Ребека е навистина се погрижи да се чувстуваме како вистински ѕвезди. Не засатана рамо до рамо со вистински професионалци кои не придружуваа за време на настанот кој се одржуваше во МОБ. На тој настан беше важно да покажеме што можеме, нашите можности. Во настанот беше ангажирана модната куќа “ЕЛЕНА ЛУКА” која ги изработи облеките за настанот. Се` уште се сеќавам на возбудата која ја чувствував тогаш. После “Балот на различности” ми се отворија многу врати и така дојдов во соработка со “ЕУРЕКА”.

На враќање од студио често некој од членовите од “ЕУРЕКА” доаѓа со нас во кола, па среќна сум што има со кого да поразговарам додека се возиме. Дома веднаш го фаќам каучот во дневна додека се подготвува ручекот. Ручам, а со ручекот сакам да раскажувам како поминал часот на балет. По ручекот, додека раскренат моите јас повторно одмарам обично со слушалките на уши.

Зависно од тоа колку имам за учење, одморот го планирам. Ако вечерта сме испланирале да излеземе на некој настан, балет, опера, концерт или во некој кафич, паузата ми е пократка. Ако сме планирале да вежбам вежби кои ми ги прават моите родители за подобрување на мојата состојба, тогаш паузата ми е подолга. Без разлика како сум го завршила денот, излезена или извежбана, јас секако сум уморна. Пред спиње забите ги мијам во дневна, седната. Моите ми носат: чаша вода, легенче, крпа, четка и паста. Потоа сето тоа го враќаат назад. Со количката ме носат во соба, во пресоблекувањето во пижами обично слабо учествувам, уморна сум. Ме легнуваат и не ми треба многу време за да заспијам.

За авторот

Марија Савеска има 17 години. Учи во средното училиште “Браќа Миладиновци” во Драчево – гимназиски смер и е втора година. И покрај тоа што има церебрална парализа и се движи со помош на количка која не може сама да ја бутка заради парезата на левата рака, таа танцува, глуми, пее, настапува и му се радува на животот. Со својата посветена мајка секојдневно учествува во инклузивни настани и граѓански иницијативи за подигање на свеста за луѓето со попреченост, залагајќи се за подобро општество.

Објавен : јуни 12, 2019