Еден ден со Зоран Јовановски

Со подзабавена летна динамика го објавуваме седмиот текст од серијалот „Еден мој ден“, кој го напиша динамичниот спортист Зоран Јовановски

Утро. Денот само што започна. Не можам да го замислам денот без да погледнам низ прозорецот, без да го вдишам свежиот воздух, без да се загледам во убавите и распеани птици, кои секое утро ме будат со прекрасна мелодија. Станувам од постела, се масирам, се мијам и го започнувам планот за мојот ден.

Кафето е она што најмногу го сакам. Збор составен од само четири букви, а сепак, толку моќен. Но, моето кафе не е обично кафе. Тоа е кафе исполнето со утринска насмевка и топлина. Големо задоволство при тоа уживање ми прават и моите мали, палави, игриви миленици. Дружењето со нив ме ослободува од секој вид лоша енергија. Тоа е мојата терапија.

Искрено, јас, како љубител на авантура и адреналин, не можам денот да го замислам само дома, во кревет, во двор. Сакам авантура, сакам спорт, сакам луѓе, сакам патување, сакам дружење. Никој не мора да знае како јас се чувствувам. Никој не мора да знае за моите проблеми. Зарем тие се поважни и поголеми од мене?

Нив ги оставам на праг и излегувам. Чекорам по својот замислен пат и одам цврсто, со крената глава.

Спортот е мојата љубов. А, медалите се моја круна. Успех е кога човек ќе нарави нешто убаво, топло, уникатно, и кога ќе се сврти назад, да каже ЈАС УСПЕАВ!

Со спорт поконкретно почнав да се занимавам во 2003 година и тоа со атлетика, фрлање диск, ѓуле и копје  на 100 и 200 метри, како и со тркачки дисциплини со количка. Пред 3-4 години, почнав да се занимавам со полумаратон, а пред една година со маратон. А, оваа година пак почнав да се занимавам и со зимски спорт таканаречен сит – ски. На домашни и меѓународни првенства имам освоено преку 80 медали.

Животот на село е интересен. Некако, ние сме поразлични од останатите. Уживаме во слободата, во убавините што ни ги пружа природата, во дрвата, во зелените полиња и цвеќиња, во црцорењето на птиците, во ноќните седенки на тераса, со добри пријатели и добар муабет. Тоа што немаме трговски центри, маркети, банки и паркови не ме спречува да уживам во моето место, и да се одлучам да го напуштам, и да се преселам во град. Како секој нормален и разумен човек, ќе седнам во автомобилот, ќе отидам до градот, ќе ги земам намирниците кои ми се потребни, и повторно ќе се вратам во моето родно место. Затоа што знам дека во моето село, сите сме исти.

Да, не може секој ден да ни биде розово, не може секој ден да бидеме весели, но може да се подари по некој топол збор. Онака, за добро утро, добар ден, или пак, за добра ноќ.

Вечерта е дел за резиме на стореното од утрото, кога задоволно ќе се насмевнам и ќе си кажам: Еве, пак се надминав себеси.

Секој ден, треба да ни е различен. Затоа, осмислете го и радувајте му се на секој нов ден, на секое утро, пладне, ноќ. Нахранете некое животно, поделете нешто ново со пријателите и сакајте се.

А, сега одам, кон нови успеси. И, уште нешто: Размислете дали сакате денот да го поминете во безизлез или пак во добросостојба?

За авторот

Зоран Јовановски е роден пред 42 години во Струмица. Речеси половина од својот живот е во количка како последица од повреда од заскитан куршум од пиштол. Последните 15тина години спортува и освојува медали. Со сопругата Жулиета, која е исто така лице со попреченост, живеат во селото Ангелци.

Објавен : август 5, 2019