Еден ден со Цако

Со задоволство го објавуваме третиот необичен и поетичен текст од серијалот „Еден мој ден“, кој го напиша мулти-талентираниот Александар Матовски Цако

12:00 до 12:30

Станувам и одма правам кафе.   

Ме обзема среќа бидеќи сум благодарен на денот кој е пред мене.

Немам проблем со својот сидром.     

Бидеќи знам кој сум и што сум.                 

12:30 до 13:00

Читам поезија и пијуцкам кафе.

На сончевата страна од мојата тераса.

13:00 до 18:00

Се одмарам и јадам.                                                   

Пуштам компјутер и гледам хрватски серии.

18:00 до 19:00

Почнувам со подготовки за емисијата и паралелно со ова пишувам поезија.

Еве ви една песна: 

Чекорам

Чекорам смело кон врвот

Итам во уметноста

за која душа давам

На огледало се гледам

Сама душата иде

кон патот на љубовта

19:00 до 22:00 

Се подготвувам за учење.                                   

И почнувам со учење.

Во овој период подготвувам прашања за гостите во емисијата која ја водам на радио.

22:00 до 00:00

Читам поезија или пишувам поезија.

00:00 до 00:30

Повторно учам или пак анализирам некоја емисија.

Негде околу 03:00 си легнувам во кревет и заспивам.                            

За авторот

Александар Матовски Цако деновиве го положи последниот испит на Педагошкиот факултет во Скопје. Тој, патем, е и првиот студент со Даунов синдром во Македонија. Од рана возраст, Цако работи со своите блиски роднини, логопеди и учителки во градинка. Во 1998 почнува да оди во редовно основно училиште. Ова е важна година, бидејќи вака беше инициран процесот на образовна инклузија во државата. Цако потоа го продолжува своето образование во едно од редовните скопски средни училишта.

28 годишниот Цако е еден од најголемите борци за човекови права и правата на лицата со Даунов синдром. Член е на Извршниот одбор на Центарот за младински активизам „Крик”, која работи со лица со попреченост и се фокусира на интеграција во општеството. Тој е исто така активен член на Трисомија 21 и на Центарот за Даунов синдром. Како практикант во НВО „Моја кариера”, работи на мапирање на сите лица со попреченост во Македонија.

Има учествувано во бројни проекти посветени на лицата со посебни потреби на локално ниво: „Activate talks” во организација на УНИЦЕФ и МОФ, „Инклузивен танцов фестивал”, „Бал на различности” итн. На меѓународно ниво, Цако е дел од Европскиот волонтерски сервис (ЕВС) во „Олде Вехте Фондацијата” во Омен, Холандија. Во септември 2013 година е претставник на УНИЦЕФ на работната средба за развој на агенда за лица со инвалидитет во Истанбул. Во 2014, на Меѓународниот ден на лицата со Даунов синдром, Цако ја претстави својата работа во Бања Лука. Во ноември 2015, беше дел од младинска размена „You will never walk alone”, посветена на вклучување на лицата со попреченост  што се одржа во Мерсин, Турција.

Во моментов, еден од најважните лични проекти на Цако е „Јас сум Цако”, авторска радио емисија, која се емитува секоја претпоследна среда во месецот на „Радио МОФ”. Во неговата емисија се става акцент на различни аспекти на животот на лицата со Даунов синдром и на лицата со попреченост во целина.

Интересите на Цако вклучуваат: пишување поезија (тој има објавено две збирки поезија), танцување во Dancers United MK, фотографирање и вежбање карате (кафен појас). Добитник е на многу признанија, сертификати и награди за својата работа. Цако, исто така, беше избран да биде дел од самозастапниците на конференцијата посветена на Светскиот ден на Даунов синдром, која се одржа на 21 март 2016, во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк. Негова најголема поддршка се мајка му Снежана, татко му Зоран, сестрата Марија и братот Бојан.

Објавен : јуни 18, 2019