Еден ден со Синоличка Трпкова

Привршуваме со серијалот „Еден мој ден“ и ја објавуваме 25та сторија, чиј автор е исклучителната Синоличка Трпкова

Како човек старее, се’ потешко му станува да пишува за себе, за својата интима. Сакам да пишувам за работи што ме прават несреќна и тажна, за работи што ме радуваат или восхитуваат. Најчесто пишувам за она што ме допира и што е блиско до моето разбирање за животот, за професијата, за општествените вредности. И’ ветив на Ирена дека ќе напишам текст за рубриката „Еден мој ден” во нејзиниот ПРКОС, а сега додека се обидувам да и’ дадам прозна форма на мојата дијагноза – едвај наоѓам зборови. Во главата ми се вртат цитати и мисли од мои омилени филмски автори, филозофи, ликови од филмови, со кои би го опишала мојот  „благословен недостаток”, со кои би го дефинирала  „Ч’рг-Штраус” синдромот (CSS Syndrome). Но, по се изгледа дека сепак ќе морам со свои зборови да ја кажам приказната.

Долго време не можев да бидам дијагностицирана, зашто првичните симптоми на оваа ретка авто-имуна болест се комбинација од астма, синузит и алергија. Повеќе од неколку години се влечкав по лекари. Се мачев секој месец со различни лекови, кои не ми помагаа. Состојбата на оваа болест е како да живееш со тешка форма на настинка секојдневно, во период од неколку години.  На крајот, целосно изнемоштенa, со лезии на нозете и рацете, заглавив во болница. Имав среќа да стапам во контакт со лекарка којашто сериозно, одговорно и со исклучителна грижа и’ пристапи на мојата состојба. И’ се предадов на др.Снежана Стојковска, и имав огромна среќа зошто таа стави крај на сите мои неодговорени прашања дотогаш.

По неколку месеци испитување,  таа буквално ме фати за рака, и ме однесе на ревматологија. Понатаму работите одеа брзо. Добив дијагноза. Добив нова доживотна „другарка”. Велам другарка, зашто со таква другарка не се бие битка, туку мора да се живее рака-под-рака. Тоа беше првиот дел од мојата голгота. Имаше и втор, секако. Новите и помалку штетни лекови не ми беа одобрени на сметка на фондот, зашто таму сеуште никој не беше чул за мојата болест, па ми рекоа да се лекувам со старите, кои сами по себе се полоши и од болеста. За среќа, мојот брат ми помогна и ги покри трошоците. Има и трет дел – како инаку ќе знаеш дека си се родил во Македонија?

По три години лекување, почнав да го губам видот. И таа дијагноза не му беше позната на нашиот здравствен систем, па повторно морав да одам нов, долг – и финансиски и физички исцрпувачки пат. Со помош на брат ми и со лекарите од турската очна болница, по една година терапија со лекови кои тогаш беа „непостоечки” во нашето здравство, мојот вид делумно беше спасен. Иако денес не гледам на едното око – другото ме служи одлично!

Сега сум во ремисија. Моите проблеми со дишењето се врзани исклучиво со загаденоста на воздухот, а за тоа нема лек, како што знаеме. Во нашево сообраќајно лудило, се’ помалку возам автомобил („Кај возиш ма, ќора ли си?!” – слушам понекогаш од некој автомобил), иако соврешно знам дека возам внимателно и по сите правила и прописи. Возам велосипед, иако ни тоа не е сосем безбедно за мене. Но, од велосипедот нема да се откажам. Чекам само потопли денови и почист воздух.

Свесна  сум за своите недостатоци, но свесна сум и дека сето ова низ кое минувам, ми донесе сознание за тоа колку човек треба да е безрезервен во љубовта и трпението кон своите блиски, кон семејството. Само тие биле до мене во најтешките денови и докажале дека се мојот единствен сигурен извор на поддршка и енергија. Другата работа што не зависи само од мене, а сакам да ја направам дури ме држи здравјето, е врзана за професијата, затоа што креативноста е тајниот лек за сите човечки видливи и невидливи „недостатоци”.

Наутро не се будам со мисла дека овој ден е можеби еден од помачните, туку дека е ден за нов предизвик со студентите, ден за продолжување на втората Бушава азбука, на која во моментов тимски работиме, ден поблизок до еден заеднички, подобар и поправичен живот.

Од мојата сега веќе долгогодишна „другарка” научив да бидам директна, искрена и разумна. Немам време, ниту потреба да калкулирам и да се преправам. Ме научи да давам, не да грабам, и да бидам верна на себе, на своите принципи и вредносни критериуми. Ми отвори простор, од кој јасно ги проценувам луѓето околу мене, нивните намери, зборови и дела.

Човекот ништо со сигурност не може да знае. Не знае што го чека утре, а се однесува како да ќе живее 200 години. Несреќен е, и страда, лесно станува жртва на туѓи судови и манипулации. Мене здравствениот проблем ми донесе една мака, но оттргна илјада други. Понекогаш имам чувство како да ме разбудил од илузија, и ми дал  шанса да му се радувам на животот.

За авторот

Синоличка Меллес-Трпкова (1965) е македонска актерка. Завршила Факултет за Драмски уметности, оддел – драмски актери. Како актерка остварила повеќе значајни улоги во театарот и на филмското платно: Среќна Нова 1949, Дом за бесење, Тетовирање, Џипси Меџик, Смртта на ученикот, Липстик итн. Има искуство и како автор и водител на ТВ емисии. Во рамките на Факултетот за Драмски уметности во Скопје работи како редовен професор, по предметот Филмска и ТВ игра, односно Актерска игра пред камера.

Објавен : февруари 26, 2020