Еден ден со Младен Арсовски

Среќни сме што стигнавме до објавување на двоцифрената, десетта приказна од серијалот „Еден мој ден“, која со нас ја сподели младиот Младен Арсовски

Здраво на сите,

Се викам Младен, имам 13 години и сум девето одделение. Јас сум чесен, отворен и искрен, понекогаш дури и премногу, но тоа е дел од мојата состојба, високо-функционален аутизам. На училиште се дружам со другарчињата од одделение и тие многу ми помагаат. Секако дека имало и неубави моменти, но јас не сакам да пишувам за нив, бидејќи сепак преовладуваат убавите. Омилени предмети ми ce: биологија, историја, англиски и физичко. Многу добро го зборувам англискиот јазик. Обожувам да гледам видеа на Јутјуб, особено за Јапонија и за азиските култури. Највеќе користам Јутјуб за да научам нови работи и за гејминг-видеа. Во слободното време се сретнувам со другарчињата; или одам со нив во ресторан за брза храна, или доаѓаат кај мене, или јас одам кај нив. Сакам, исто така, да читам книги, и сега ја читам Хари Потер, првиот дел. Во слободно време играм и игри на мобилен телефон, на конзолата икс-бокс или на компјутер.

Вообичаено, преку целата година кога одам на училиште, денот ми почнува во 7 и 15 часот, а кога  сум на распуст станувам малку подоцна. Сега сакам да ви раскажам како ми помина еден ден од распустот. Во јули бев со мајка ми на летување во Грција, во едно мало место што се вика Неа Скиони и се наоѓа на првиот крак на полуостровот Халкидики. На 21 јули, рано во 5 часот, јас и таа тргнавме на одмор. Градот беше тивок и поспан. Сретнавме само неколку коли кон излезот на Скопје. Беше свежо и пријатно утро. Си наместив станица на радио да слушам убава музика во кола. Се чувствував весел, возбуден и едвај чекав да стигнеме.

На целото патување гледав како на една интересна авантура. Додека се возевме и помагав на мајка ми, спремајќи ситни пари за патарини. Уживавме во глетката на пределите што ги одминувавме. Следните неколку часа ни поминаа многу брзо бидејќи бевме расположени и нестрпливи да стигнеме до посакуваната дестинација. Кога стасавме бев малку уморен, но пресреќен. Се сместивме, па ручавме суфлаки и грчка салата во една таверна. Се повлековме во соба да се одмориме и по еден час отидовме на плажа, на која имаше убав и ситен песок. Морето беше мирно и топло. Веднаш влегов да се капам. Беше прекрасно. Останавме на плажата до 19 часот. Потоа се вративме во соба, се средивме и излеговме да се прошетаме. Гратчето беше блиску, на 5 минути пешки од хотелот. Вечерта беше пријатна, го разгледувавме гратчето околу 1 час. Неа Скиони е мало рибарско место со мали бели куќи кои што имаат градини со цвеќиња и сини огради. Мирисаше на море, рози и риба. Вечерав гиро и сок. Бев уморен, но презадоволен од денот што изминуваше. Си легнав во 12 на полноќ, веднаш заспав нетрпелив да дојде утрото за повторно да одам на плажа, да се сончам, пливам и уживам.

Се радувам на почетокот на школска година бидејки ќе се гледам со другарите и другарките од одделение и повеќе ќе се дружиме. Сакам да кажам и дека моите другари и другарки уште од прво одделение ме прифатија и ми помагаа и се уште ми помагаат. Исто така, и наставниците во училиштето многу ми помагаат. Многу е важно што се чувствувам убаво кога сум на училиште. Оваа година завршувам основно образование и ќе размислувам каде ќе се запишам во средно. Не знам се уште каде, ама се надевам дека каде и да е, ќе бидам прифатен исто како во моето училиште.

Има мигови кога се чувствувам осамен и ми треба друштво. Другарите ги барам, но тие понекогаш се зафатени па не се јавуваат и јас се растажувам. Некогаш ми се јавуваат и се дружиме. Е, тогаш јас сум многу среќен. Како на пример, кога го славев роденденот. Бевме во детско диско со караоке и јутјуберот Иван Ајнштајн. Скоро сите деца од моето одделение ми дојдоа на роденден. Супер си поминавме. Јас бев возбуден и пресреќен. Таквите денови ме прават среќен и задоволен бидејќи ми е многу убаво кога сум со другарите и другарките.

За авторот

Младен Арсовски има 13 години, учи во ОУ „Партение Зографски“ во Скопје и е девето одделение. Тој е функционално аутистично момче, кое сака природни науки, видеа на Јутјуб и игри на мобилен телефон, на конзолата икс-бокс или на компјутер. Сака, исто така, да чита книги и да се дружи.

Објавен : септември 15, 2019