Еден ден со Кристијан Лазарев

Следи објава на 16та нарација од серијалот „Еден мој ден”, која со ПРКОС ја сподели елоквентниот филолог Кристијан Лазарев

Утринава, додека ја правев мојата зимница од витамин Д со помош на веќе изнемоштеното златножолтеникаво есенско сонце, а истовремено со прстите го расчешлував густото крзно на моето четири и пол годишно „мече” од расата златен ретривер, размислував како да го дадам својот придонес во серијалот написи „Еден мој ден”, што како тема сама по себе ми ги наметна следниве прашања: Дали и колку денот што го живеам е само и само мој? Колку можам да го прикажам сето она со кое се соочувам изминативе 24 години ако одберам и ви раскажам само за некој од 8959-те денови што сум ги отживеал до сега? Колку од нив биле „обични”? И размислувајќи така за оваа, навидум, едноставна синтагма низ призмата на постструктуралистичкиот деконструктивизам на Дерида, сфатив дека оваа тема може да се разгледа и малку на подлабоко рамниште, така што расчленувајќи ја синтагмата „еден мој обичен ден”, почнувајќи од последниот збор во неа, ќе ги дадам своите одговори на споменатите прашања.

Ден или денови? – Сметам дека секој еден од нас, луѓето, во различни периоди од животот се наоѓа во различна животна улога (ученик, студент, родител, вработен, пензионер), којашто бара од нас извршување најразлични задачи и активности, а со тие различни задачи и активности ние во суштина живееме и различни денови (студентски ден, родителски ден, пензионерски ден, празничен ден, слободен, односно викенд-ден), коишто на моменти се поклопуваат, се повторуваат, си ги менуваат местата или се карактеристични само за еден определен дел од животот. Во тој поглед, вака типизирани и расчленети, ќе ви ги нафрлам клучните парченца во форма на 7-8 типа денови, а вие, читателите, сами ќе ја составите сложувалката на мојот живот:

-Така, ќе започнам со училишниот ден на кој со носталгија се сеќавам, во кој поради редовните часови, часовите по ориентација и мобилност, изучувањето основно музичко училиште, шаховската и другите секции, дневно имав по 7 до 9 наставни часа уште од најниските одделенија. А, по часовите редовно учествував на бројни вонучилишни активности како: организирање и учества на разни приредби и друг тип јавни настапи, музички/спортски натпревари, литературни конкурси и слично, на кои самостојно или заеднички со тимот со којшто учествувавме, редовно ја добивав едната од првите 3 награди. Како дел од училишниот ден е и тоа што одев и на многу вонучилишни настани како театар, на пример, којшто подоцна во животот потсвесно ми влијаеше врз одлуката да се запишам на студии по македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”.

-По училишниот следи студентскиот ден, којшто го одликуваа бројни предавања и испити на кои одев со задоволство, но и многу, навистина многу, непроспани ноќи во кои користејќи асистивна технологија (главно, лаптоп, скенер и неколку софтвери) ги прилагодував скриптите, монографиите, статиите, дисертациите и голем број други книги и дела што ми беа потребни за студиумот.

-На самиот крај од студирањето, дојде и првото вработување во Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците”, така што овде би го спомнал и работниот ден, којшто е исполнет со активно работење на подобрувањето на веб-пристапноста во Македонија, подучување други деца и возрасни со оштетен вид за тоа како да ја користат асистивната технологија, асистирање при разни обуки и работилници чија главна цел е подобрувањето на условите во општеството за лицата со некој тип попреченост.

-На мојата листа различни денови ќе ѝ ги додадам уште и викенд-деновите, односно деновите во кои доминира(ло) слободното време. За нив е важно тоа што нештата што ги правам и интересите што ги имам еволуираат заедно со бројот на годините, па така, првите 10 години во животот ги трошев најмногу на математика и детски палавштини, вторите десет на уметноста (изработка на глинени фигури, изучување и свирење музички инструменти, „бркање” девојки), а малкуто време што може да го наречам слободно во последниве 4 години им припаднаа на гурманството (приготвувањето храна и пијалаци), како и забрзано зајакнување на животните вештини од најразличен тип. Сепак, она што трае цел живот и се уште го правам во деновите кога сум слободен, се читањето и редовното посетување на мојата стара љубов, театарот.

-Тука некаде морам да ги спомнам и деновите за социјализирање, кои не случајно ги пишувам во множина, бидејќи често патувам по повеќе денови во, или надвор од државата, а покрај патувањата ги обожавам и собиранките, пред се во природа, како: Градски парк, Матка, Водно и слични локации, преку кои направив голема база од познанства и од пријателства. А со помош, пак, на интернетот и англискиот, стекнав и куп виртуелни пријатели од сите страни на светот, почнувајќи од Фиџи, Нов Зеланд и Австралија, па преку Индонезија, Малезија, Тајланд, сѐ до Алјаска, Нигерија и кај си уште не, така што сум во тек со она што се случува низ светот со информации од прва рака!

-Следи празничниот ден, во кој традиционално во детството учествував во правењето разни обреди како одењето од врата до врата за Коледе, а при слави и настани со празничен признак, задолжително се вклучувам при пазарувањето, приготвувањето на дел од храната и пијалаците. Во клучните моменти за време на овие денови, обично земам хармоника, гитара или каков било инструмент и се грижам за атмосферата, почнувајќи од тропосферата, па сѐ до егзосферата!

-Многу важни за мене се и деновите за спортување, коишто исто така не се случајно во множина, бидејќи голем дел од животот го имам посветено на спортовите како голбал (специфичен спорт за слепи); спорт што направи да потрошам цели денови во сала на тренинзи и на натпревари, но и спорт што направи да се чувствувам прекрасно повеќепати освојувајќи многу први, втори и трети места во рамките на државните и балканските натпреварувања. Покрај голбал, обожавам пливање и планинарење.

-И како последен од оваа листа типизирани денови ќе го спомнам денот исполнет со вонредни активности што ги правам ретко, од типот: лупење пиперки за ајвар, сечење дрва, закрепнување од некоја настинка или пијанка, пишување статија или учество во емисија по најразлични поводи.

Како што може да се забележи од деновите што ги набројав, во голема мера мојот живот, како живот на млад човек со целосно оштетен вид, не отстапува(л) многу од животите на лицата без попреченост. И јас учев и студирав, и јас работам, ги правам најголемиот број нешта што ги прават повеќето млади луѓе на моја возраст. Разликата е во тоа што некои од работите ги правам на поинаков начин.

На пример, наместо хартиени, користам електронски книги; наместо да дознаам до каде сум гледајќи низ прозорецот на автобусот, јас за тоа користам ГПС; наместо друштвото да го запознавам во дискотека, јас нив обично ги запознавам на конференција или некое патување, наместо самостојно, јас Водно и другите планини ги искачувам со пријатели планинари; наместо ракомет, јас играм голбал, кога купувам компјутер; наместо за графичката, јас се грижам за звучната картичка; а кога сите пијат вино, ха-ха, овде нема отстапки, ами им се придружувам!

Обичен или шаблонизиран? Границата меѓу ден што е обичен т. е. секојдневен и ден што е исполнет со монотонија, едноличност, шаблонизираност е многу тенка, така што многу лесно може секојдневното да стане рутина, шаблон, нешто што ќе ни го уништи интересот за она што го правиме. Ова на денешницата се случува многу често. Релативно лесно, преоптоварени со бројни животни улоги кои се поклопуваат, ние знаеме да се најдеме во ситуација кога животниот партнер, до вчера омилената работна обврска, книгите за учење ни стануваат здодевни и одбивни. Затоа, јас сиве овие 24 години живот се трудам во сѐ да внесувам по нешто несекојдневно и ново, нова личност, нови предизвици, нови авантури…

На пример: студентскиот ден си го правев поинтересен со посетувањето на разни семинари и конференции, со кратките, но исклучително важни разговори што ги имав со професорите најчесто по предавањата, со повремените дружења со колешките, барањето литература низ МАНУ или НУБ. Работниот ден ми е секогаш поинтересен кога покрај вообичаените работни обврски ќе добијам и некоја колективна задача што ја немам правено до тогаш.

Спортскиот ден е секогаш позабавен кога има и некој нов спорт да се проба како, на шоудаун (специфичен спорт за слепи налик на пинг-понг), или, пак, освојување на некој нов планински врв. Искрено, сметам дека не треба да дозволиме рутинираноста да завладее со нас, туку да ѝ отстапиме место и на креативноста. Секој ден нека ни биде со, барем, едно нешто поразличен од претходниот. Тоа не прави емоционално поисполнети, ја поттикнува креативноста во нас, нѐ прави подобри луѓе и за околината и за нас самите.

Само мој или и на општеството? Мислам дека светот би станал многу поубаво место за живеење, исполнето со многу повеќе емпатија и разбирање ако егоцентричноста се замени со малку повеќе социоцентричност. Имено, сметам дека нашиот ден никогаш не е само наш, туку на барем десетина други луѓе со кои контактираме на дневна основа: луѓе од дома, од улица, од пазар, од работа… така што ние стануваме дел од нивните денови, а тие стануваат дел од нашиот!

Во таа смисла, ниеден од деновите што ги набројав немаше да биде она што беше, односно што е, ако тие не се испреплетеа со деновите на соучениците и професорите, колешките од факултет и од работа, најблиските другари и семејството, од кои постојано добивав и сѐ уште добивам искрена поддршка и без кои јас, веројатно, и не би бил она што сум денес. Во Македонија, за жал, поддршката на лицата со попреченост е препуштена целосно на семејствата и најблиските луѓе на овие лица, наместо тоа да го обезбеди државата, барем половично. Тоа е суровата реалност, којашто се надевам дека ќе се промени во блиска иднина.

Еден, кој било ден или повеќето типизирани? Ех, со сигурност многу поедноставно ќе беше да пишував само за еден миг од животот, за еден настан, за кој било ден од проживеаните. Но, сакав да ви дадам вам, на читателите, нешто повеќе од успешна приказна што ќе ве направи поемпатични кон лицата со попреченост. Сакав тоа да биде едно малку продлабочено гледање на деновите што ги поминуваме, деновите што многумина од нас, младите, не ги вреднуваат, како што не ги вреднуваат ниту луѓето што ги израснале, ниту, пак, оние што го вложиле сето свое знаење да ги направат успешни луѓе во животот.
Како заклучок од сѐ кажано до сега: не трошете ги деновите залудно, броени се, не влегувајте во рутина и секогаш имајте на ум дека околу вас има многу луѓе на кои влијае секоја ваша постапка, ама и секоја ваша непостапка.

За авторот

Кристијан Лазарев е роден во Штип 1995та со регуларен вид, но и со вроден очен притисок што била и главната причина, и при четири операции, до неговата десетта година да го изгуби видот речиси во целост. Поради тоа, тој заедно со семејството се преселува во Скопје, каде што прво учи 10 години во државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов”, а потоа студира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”. По факултетот, се вклучува во тимот на здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците”, каде што работи и ја планира својата иднина.

Објавен : ноември 4, 2019