Еден ден со Христијан Ѓорѓевиќ

Објавуваме еден од последните наративи на серијалот „Еден мој ден“, кој со ПРКОС го сподели прагматичниот Христијан Ѓорѓевиќ

Јас сум Христијан Ѓорѓевиќ, имам 25 години и сум со 98% оштетен вид поради лекарска грешка. Студент сум на правниот факултет Јустинијан Први, на постдипломските студии кои веќе ми се на крај. Инаку по професија сум и физиотерапефтски техничар со завршено средно образование во Скопје. Живеам и работам во Куманово. Работам во општина Куманово како помлад соработник за правни работи.

Во последно време баш и немам многу слободно време поради работните и образовните обврски. Работниот ден ми започнува со станување во 7 часот па припремање на моето утринско кафе за убаво да се расонам. Додека го пијам кафето почнувам да се спремам и излегувам во 7.45 часот. На работа пристигнувам во 8 часот, па потоа следи кафе-муабет со колегите и на крајот потоа секој почнуваме со своите работни обврски. Паузата ми почнува од 11 до 11.30 кој најчесто го поминувам со колегите и мојот персонален асистент во зависност од тоа кога се договараме.

Од работа се враќам во 16 часот. Потоа следи видување и разговор со моите родители и муабети од типот како ни поминал работниот ден Дружбата со моите пријатели, а ги имам во поголем број најмногу ме исполнува која ја организираме во вечерните часови најчесто во кафиќи, а по некогаш и во домашна атмосфера. При крајот на денот обрнувам внимание на пишување на мојата магистерска теза која што треба да биде многу наскоро. Темата на која што работам е од областа на деловното право и гласи „Договор за кредит“. Во темата се наведува склучување на договорот за банкарски кредит, како и кредитирање на правните и физичките лица. Обично си легнувам во 12, 12 и пол часот.

Слободното време секогаш го поминувам со пријателите, посета на театар, а кога сум дома најчесто играм игри на компјутер и гледам документарни емисии поврзани со криминалитетот на балканските простори. Понекогаш истражувам по интернет и учам нови работи. Обожавам и да патувам. Највозбудливото патување ми беше кога одев во Германија кај мојот пријател бидејќи одев сам во авионот. Исто така нешто што најмногу ме релаксира е тоа што по некогаш работам и со одредени пациенти. Со нив секогаш работам неуморно без разлика колку и да сум уморен. За сите овие успеси до сега најзаслужни се моите родители, сестра ми, мојот асистент, пријателите, кои ми се огромна поддршка во се.

Најголеми проблеми со кои се соочувам конкретно јас, а претпоставувам и другите лица кои имаат оштетен вид се повеќе. Сепак, на прво место ќе ги ставам архитектонските бариери поради кои еднаш имав мала незгода и покрај тоа што користам ориентациски бел стап. Коли и бандери на тротоарите, небезбедни тротоари, отворени шахти и дупки, немање на звучна сигнализација на семафорите и тактилни патеки… Ова се само дел од бариерите што го отежнуваат пристапот на лицата со оштетен вид.

Тука во Куманово се проблем и кучињата скитници и тој проблем треба да се реши по итна постапка. Од областа на транспортот, треба да имаме звучна сигнализација во јавниот градски превоз низ државата како што е во високоразвиените држави. Од областа на финансиите и банкарскиот сектор, лицата со оштетен вид се дискриминирани со тоа што неможат да ги препознаат поголемите банкноти од 50 денари, како и за склучување на договорите ги застапува нивниот законски застапник. За секаков вид потпис факсимилот треба да биде полноважно средство за потпис кај оваа категорија лица. Од областа на образованието, училиштата и факултетите не се баш многу пријателски настроени кон овие лица поради немањето Брајова и звучна литература. Сето ова не прави уште еден чекор назад од цивилизираниот свет.

На крајот само ќе кажам дека попреченоста не е пречка за нешто ако се сака да се направи и постигне. Пречка се само проблемите и предизвиците затоа што сите сме еднакви и секој од нас поседува било какви способности. Исто како и фактот што секој има некаква потреба од нешто, без разлика дали е тоа лице без или со попреченост.

За авторот

Христијан Ѓорѓевиќ има 25 години. Има 98% оштетен вид поради лекарска грешка. Живее и работи во Куманово. Студент е на правниот факултет, а по професија е и физиотерапефтски техничар. За себе вели дека е голем борец за човековите права.

Објавен : март 9, 2020