Еден ден со Филип Григоров

На ред е објава на 21та приказна од серијалот „Еден мој ден“, која самоиницијативно ја раскажа позитивниот студент Филип Григоров

Имам 25 години и се уште студирам информатика. Не случајно почнувам од тука, бидејќи пред некое време видов страшно поразителни податоци затоа колку лица со попреченост се вклучени во академскиот живот, па тоа само по себе ми беше уште еден мотив да го завршам патот што ми е почнат. Инаку, роден сум со церебрална парализа. Состојба која многу пати во животот била пречка за остварување на некоја цел, но секогаш сум знаел дека упорноста се исплати, макар тоа било и со закаснето дејствие. Но, се исплати.

Бидејќи живеам во мало место полно со предрасуди, „пробивањето” во „нормалниот” свет беше уште потешка задача. Иако знам дека терминот „лица со ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ” ми беше многу дегутантен за слушање, бидејќи сметам дека нема човек без посебни потреби. Никогаш не разбрав зошто играњето игри или дружењето за викенд со другарите не спаѓа во „посебни потреби” оти и тоа е потреба исто како што е помагалото за движење кај одредени лица. Барем јас така ги гледам работите.

Бидејќи сум студент, денот многу често ми почнува со патување. По завршувањето на обврските, неизбежно е дружењето и кафе-пауза. Се сметам за прилично комуникативен човек на кој никогаш не му е доста од пријатели, знам да се адаптирам на многу карактери, па никогаш не ми е било проблем да најдам друштво за кафе. Комуникацијата со луѓе секогаш ми била предизвик, бидејќи како помлад, многу пати се соочував со избегнување и игнорирање, а не многу поретко и исмевање заради моите физички недостатоци.

Сето тоа е сега зад мене, а тоа искуство пробувам да го пренесам на луѓето кои се наоѓаат во таква ситуација. Од најмали години, многу сакав спорт. Не постои спортист кои во овие години минал низ Свети Николе, а да до денес немам контакт со него. Во последно време имам можност активно да учествувам во случувањата на Градскиот фудбалски клуб, што ми причинува огромно задоволство. Така што попладневните саати ми се резервирани со тоа. Тука се обврските кои ги носи студирањето, а вечерните часови ми се повторно резервирани за дружење, прошетка, а неретко во викендите и некоја поседенка.

Како што веќе напоменав, никогаш не сум дозволил моите проблеми да ми бидат пречка за остварување на некоја цел. Порано се обидував нив да ги „скријам” и така се обидував да дојдам до секој оној кој не ме познаваше. Со тек на време, сфатив дека колку и да ги кријам, тие пак ќе постојат. Сега, се водам под друго мото. Проблемите се проблеми, и тие никогаш нема да исчезнат во целост. Затоа, во исто време додека работиш на нивна елиминација, учиш да живееш со нив, а во исто врене да ги навикнуваш луѓето околу тебе да те прифаќаат онаков како што си. Затоа што со тоа го тргаш огромниот притисок од тебе и почнуваш да се радуваш на работите кои се случуваат околу тебе. А, нив ги има многу. Наше е дали ќе ги видиме и почувствуваме.

Не многу одамна, учествував во една кампања на UNCEF каде на таргет групи од деца на 13-14 години требаше да им укажеме дека треба да ги прифатат децата со попреченост без никаква предрасуда за нив. Тогаш, главната поента со која настапив е дека ваквите деца не се ни болни, ни заразни, тие само имаат некој мал недостаток што ги прави малку поразлични од другите, и дека тоа во никој случај не треба да биде причина за нивно одбегнување. И секогаш кога правам муабет со некој, тоа го напоменувам.

На крај, сакам на сите да им порачам да не се обесхрабруваат од ништо во животот. За секој човек, има некоја среќа која чека некаде. Прашање е само дали и кога истата ќе ја пронајдеме.

За авторот

Филип Григоров е роден пред 25 години во Свети Николе, кадешто и живее. Редовно прати спорт, сака рок музика и во тек е со општествените текови. Иако студира информатика и има церебрална парализа, не сака виртуелна комуникација. Моментално живее сам, што е уште еден предизвик за него.

Објавен : декември 19, 2019