Еден ден со Ева Калкова

Со слатка горчина го објавуваме четвртиот текст од серијалот „Еден мој ден“, исткаен со храброто перо на Ева Калкова Бусх

Кога ја добив поканата да напишам како ги минувам моите 24 саата, се чинеше како лесна работа. Мислам, сите знаеме како ни врват деновите, нели, кога време фали, кога го има премногу. Но, ете сум, гледајќи во екранот со чувство на тивка празнотија, како да сочувствувам со празниот екран…

Што да ви кажам? Како да ги објаснам моите 24 часа, кога всушност мојот Ден и мојата Ноќ не се со ништо посебно дефинирани, а поради физичката немоќ тешко е да се однапред планирани? Се прашувам, наместо штуро наведување на саати, дали би разбрале колку е мачно кога зависиш од нечија добра воља, од нечие туѓо време, од нечии други обврски?

Недела, 9:30 часот. Ме буди болка во ногата која ја немам. Махинално, сонлива, посегнувам во празнотијата каде што некогаш беше дел од мене. Тоа се таканаречени фантомски болки – мозокот се уште ги памти информациите на болниот екстермитет и покрај дамнешната ампутација. Се обидувам да не им придавам важност, туку да ги смирам спазмите. Како ногата да добила сопствена воља, ама знам дека треба малку време да си го завладеам телото. Се уште сум силна во рацете, па се префрлам во количка без поголеми проблеми.

10:00 Кафето баш ми годи, ладно фрапе на тропски горештини. Палам цигара, уппсс… остнати се уште пет. Океј е, тамам ќе истерат до вечер!

12:00 Појадок: овесна каша, млеко, овошје. Жешко е, вентилатор би ми дошол добро. Секако, не можам да го вклучам сама, та за тоа, потоа, сега туширање. Од под туш излегувам ко нов човек.

13:30 Време е за уште едно кафе и малку стимулација на сивата мозочна маса. Литература за денес „Уметноста на Љубовта“, Ерих Фром. Размислувам, зошто ли на луѓето им е тешко да прифатат една едноставна вистина – љубовта е за давање, не за чување. Таа има домино ефект, заразна е, а може и да патува далеку.

Недела, 18:00 часот, цигари: една. Вртам телефон.
Јас: Како си, пријателе?
Тој: Ете добро, баш те мислев, ама вруќина.
Јас: Да, жешко беше денеска… Па, продолжувам: Ајде доста ти е одмарање… смеа Тамам е време за кафе, а јас сум без цигари… (Незгодно ми е да го спомнам вентилаторот)
Тој: Добро, ајде да се подосвежам малку и доаѓам, за саат време кај тебе сум.

20:30 Пак го вртам истиот број.
Јас: Да те проверам до кај си (Се обидувам да звучам ноншалантно).
Тој: Еве, баш тргнувам на кај тебе.

23 часот. Цигари: ЗЕРО! Дал да ѕвонам уште еднаш?! И што ако ѕвонам? Првата солза ја пуштам да потече. Четири часа поминати во чекање. Со втората солза го пуштам и гневот. Секогаш одново сум гневна на самата себе, на никого друг. Гневна сум што си дозволив четири часа од животот да ми одат јабана, во чекање. Гневна сум што не се одлучив и покрај горештиниве да ја намонтирам протезата. Да ги поминам ако треба и лазејќи осумте скалила кои ме делат од приземјето, да се сместам во количката и да тргнам по искинатиот, вжарен асфалт во авантурата наречена „пробив низ архитектонски бариери“. Да, ќе ми требаа сигурно едно четири саата за целата таа операција, ама сега ќе имав цигари и доручек за утре.

Утре. Матно е. Вчера – мачно е. Ми останува само СЕГА. И останувам само ЈАС. Оваа борба е моја, се потсетувам. А јас не сум губитник, ми продолжува мислата. Јас сум се` уште онаа иста девојка од пред 20-тина години, која напиша:

Звукот и светлината, нив ги претварам во метафори,
и го создавам гласот на неспокојството.

Магичното око на
нестварната стварност на метафората
Ме унапредува и Мене
(Магиски незаслужено)
Во чин На Победник,
за да викам и говорам
викам и говорам
И ѕвонам на Узбуна.
Јас, оскатениот Македонски поет!

00:30 Отидов по цигари.

За авторот

Ева Калкова Бусх, завршила компаративна кножевност во раните деведесетти (1992). Соработува неколку години во локалната телевизија Нова. 2005 година заминува за САД, каде заршува психологија на University of Florida. Од 2015 наваму се бори со последиците на агресивен синовиом (тумор на синовијалната коскена маса). Денес живее во Гевгелија, работи како мотивационен тренер и ја подготвува првата самостојна збирка на кратки приказни и есеи.

Објавен : јуни 28, 2019