Еден ден со Ема Ананиевска

Среќни сме што го објавуваме петтиот текст од серијалот „Еден мој ден“, кој го напиша надарената пијанистка Ема Ананиевска

Од 11:30 до 12 се будам и станувам од кревет. Најголемо задоволство ми е првото кафе во летниот период, кое го пијам на тераса на сонце, размислувајки како ќе го поминам остатокот од денот. Во комбинација со кафето, секогаш оди и добра музика од омилените бендови Queen, Pink floyd, The Smiths…

Од 14 започнува дружба со мојата најдобра пријателка дома, кучето Чуи. Ова ми е најубавиот период од денот бидејќи нејзиното внимание е целосно насочено на мене, се додека не се појави татко ми. Во 16 моите родители се враќаат од работа, па следува ручек и секој раскажува како си го поминал денот.

Од 17:30 до 20 е време за вежбање клавир. Кога се спремам за настап вежбам многу повеќе. Периодот од денот кога вежбам клавир ми поминува најбрзо. Секогаш пред да седнам да вежбам, правам план што ќе сработам тој ден, бидејќи ако немам зацртана цел, тогаш вежбањето е џабе. Кога бев во средно училиште, многу се нервирав кога луѓето ми зборуваа дека мене ми е лесно во музичко, оти само со свириме и си пееме таму. Да се бавиш со музика, пред се треба да поседуваш талент и нормално да имаш желба. Но, тоа не е доволно, бидејќи за да се постигне успех потребна е огромна посветеност, многу работа и пожртвуваност, како впрочем и во секоја друга професија.

Во 21 часот со мајка ми ја шетаме Чуи и пиеме кафе во омилената слаткарница во Бисер. Додека шетаме со Чуи, во главата ми се врти само едно прашање. Дали ако живеев во понапредна земја веќе ќе имав куче водич и мојот сон да ме придружува четвороножниот асистент до сцена на настапи немаше да ми изгледа толку тешко остварлив?

Околу 22:00 излегувам со другарките на пиво и дружење. Се чекаме негде во град, каде што јас одам со такси најчесто, а понекогаш се договарам со другарките што живеат во моја близина да дојдат кај мене, па да одиме заедно. За враќање, ако одиме во ист правец со некој, ме испраќа до дома. А, ако си одам сама, се качувам во такси и мајка ми ме пречекува пред зграда. Често се случува кога излегувам луѓето што не ме познаваат да се чудат како излегувам сама. Во почетокот тоа многу ми сметаше, но сега веќе не се лутам бидејќи знам дека луѓето се чудат зошто лицата со попреченост не се навикнати да ги гледаат надвор. Затоа, сметам дека инклузијата е многу важна уште од најмала возраст.

Кога се враќам дома сите доживувања му ги раскажувам на мојот дневник. Немам никаков проблем со мојата попреченост. Од мала сум свесна дека поради тоа што не гледам за некои нешта се соочувам со поголеми потешкотии од останатите. Но, тоа не ме прави помалку вредна. Секој човек се соочува со пречки и предизвици. Најважно е да не се откажеме од целта што сме си ја зацртале. Јас многу работам на себе на подобрување на животните вештини бидејќи сакам да бидам самостојна и независна личност. Тоа во оваа средина е многу тешко заради немањето соодветни услови. Сепак, ова е само поголем мотив за мене да се борам, затоа што ако сакаме да смениме нешто мораме сами да се избориме за тоа.

Во моментов се подготвувам за обука за ориентација во простор во Загреб која што нема да биде во општо лесна, но ќе ми помогне многу во животот за поголема самосталност, самодоверба и сигурност. Најголема концентрација и инспирација за пишување имам во вечерните часови кога сите ќе заспијат и ќе си пуштам музика што ме релаксира. Во дневникот ми е најлесно да си ги раскажам сите позитивни и негативни мисли што ми проаѓаат низ глава во текот на денот. Во 3:30 легнувам и чепкајки го телефонот заспивам.

За Авторот

Ема Ананиевска е родена на 13.03.1995 година во Скопје. Своето образование го започнува во редовното училиште Лазо Анѓеловски. Во 2002 се запишува во нижо музичко училиште Илија Николовски Луј, каде што и го завршува и средното музичко образование. Во 2013 се запишува на факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што во 2019 дипломира како музичар изведувач пијанист. Како пијанистка има учествувано на многу концерти, хуманитарни настани и има освоено повеќе државни и меѓународни награди. Како едни од најзначајните настапи ги издвојува меѓународен натпревар во Москва како почесен гостин, два концерти во Белград по повод Меѓународен ден на белиот стап, гостуваwето на фестивалот Денови на разноликоста во Музеј на современа уметност, двете гостувања на Бал на различности во организација на здружението Дајте ни криља… Беше и активен член на невладиниот сектор волонтер во Црвениот крст на град Скопје, Центар за младински активизам Крик, ХЕРА. Во моментов размислува каде ќе ги продолжи своите магистарски студии.

Објавен : јули 8, 2019