Еден ден со Дино Шкрињариќ

Новата 2020 година ја почнуваме со објава на 22та сторија од серијалот „Еден мој ден“ чиј автор е хип-хоп витезот Дино Шкрињариќ

Jас сум Дино Шкрињариќ, имам 24 години и секој мој ден се обидувам да направам да биде поинаков. Живеам активно, се хранам здраво и вежбам. Јас сумсреќно момче затоа што имам прекрасна фамилија и прекрасни другари, кои се мојата најголема поддршка. Роден сум со Вилијамс синдромот, којшто ретко кој го има во државата. Иако сум различен од другите, друштвен сум, позитивен, комуникативен, релаксиран и смирен, ама и силен и бестрашен. Од овие особини најверојатно потекнува и мојот прекар Бесниот витез.

Јас сум голем љубител на патувањата и многу често со моите родители патувам во странство. Од сите места што сум ги посетил, најмногу ми се допадна и уживав во Прага каде што живее мојот вујко. Моите главни активности се водење емисија за хип хоп на радио МОФ и пуштање музика. Бидејки сум ди-џеј ме викаат на разни манифестации да пуштам музика, што ми причинува големо задоволство.

Вујко сум на две вучиња, едното има шест години, другото 10 месеци. Претежно деновите ги поминувам во дружење со нив. Одам да пазарувам со татко ми, а некогаш и сам. Ритуал кој ми прави посебно задоволство е секој ден пиење кафе во некое кафуле со мајка ми и со нејзините пријателки. Сега наскоро, во месец февуари се одржува и Златна бубамара на популарноста, мојот омилен настан кој не го пропуштам.

А, кога се случуваат журки, одам во мојот омилен Баду бар. Музиката е мојата најголема пасија. Јас буквално со хип хоп се будам и заспивам. Омилени хип хопери ми се Легијата, Зад аголот, Дивизија, Авторизација и Герила.Исто така, често одам во театар или во кино. Омилени глумци ми се Адам Сендлер, Еди Марфи, Роб Шнајдер, Џим Кери… А, од филмовите најдраги ми се комедиите Маска, Зохан и Одморот на Мистер Бин. Воглавно, се трудам во мојот живот сите случувања да ги креирам самиот.

Но, ние лицата со попреченост во нашето оштество не сме прифатени во многу сфери на живеењето. Последните години благодарение на гласот на нашите родители се прави нешто, ама тоа е минимално. Сепак сме се уште „врзани“ со некој од родителите ако треба да одиме негде. Јас како способно момче и со моите 24 години би можел да бидам вклучен во нашиот систем и да работам бидејќи добро ги познавам компутерските техники. Но, за жал не сум.

За авторот

Дино Шкрињариќ е роден и живее во Скопје. Има завршено средно образование (гимназија). Роден е со Вилијамс синдромот, исклучително ретко генетско нарушување кое тешко се дијагностицира, а се манифестира со доцнење во развојот, моторички проблеми и фацијален израз. Тој е веќе четири сезони радио водител на емисија за хип-хоп, а од неодамна е и ди-џеј.

Објавен : јануари 16, 2020