Еден ден со Бобан Јорданоски

На ред е 11та лаконска објава од серијалот „Еден мој ден“, која во еден здив за ПРКОС ја напиша бизнисменот Бобан Јорданоски

Утро. Ме буди алармот. Погледнувам сонливо на листот хартија залепен во мојата соба на кој пишува позиција Safe Life GRAWE. Додека одам кон тушот си мислам: Ајде, ова е твојот сон кој мораш да го оствариш, ова е најголемата твоја планина која мораш да ја искачиш. Влегувам под туш, додека водата тече затворам очи. Како низ црн тунел ми одекнуват зборовите на докторот што и ги кажува на мојата мајка: „Детето ти има форма на церебрална парализа, нема да оди, откажи се.“

Но, мојата мајка е лавица која сама го врти пола свет и ме крева на нозе. Ми дава се, сама, осамена, како Неда од Сердарот, падната но непобедена, ми дава се. Една по една остваруваме победи. За миг се потсетувам на првите допири со фудбалот, на првите детски натпревари во кои моите другари ме гледаа како еден од нив, не ме штедеа ни најмалце и покрај мојата инвалидност. По се изгледа, тие падови и станувања ме направија човек. Се чини тие ме исчеличија. Не изгубил оној што паднал, туку оној што останал да лежи, ќе каже мудрецот. А, јас станував и станувам колку и силно да сум треснал.

Полуматура, матура, факултет, преседател на Мобилност Кичево, капитен на тимот… По кој знае кој пат солзи на нејзините очи на фудбалскиот натпревар на Мобилност Македонија. Овој сон морам да го остварам. Ѕвони телефон, ми се јавува соработникот. Состанок, еден па уште еден. Андреналнот си го прави своето. Бестрага, си велам, успехот и довербата на моите луѓе зависи од мене. Низ глава ми поминува една изрека, една од омилените, на еден од најуспешните директори во Safe Life GRAWE Јован Цветиновиќ „Она што го даваш, тоа и добиваш.“ Уф, ова ќе мора да биде успех. Термините започнуват да се редат еден по друг. Повеќето завршуват со успех. Го гледам часовникот на телефон; пладне – време за третото кафе. Повик од Александра, мојот ментор, мојот другар, мојот директор, мојот пријател кој никогаш не се откажа од мене. Разговараме долго. Таа секогаш знае како да мотивира човек. Ајде, успехот е тука, ми вели на завршување со разговорот.

Денот продолжува и јас морам да ги видам моите соработници Луѓето со кои секојдневно работам, луѓето кои се дел од мојот тим, луѓето со кои пијам кафе, тие се оние со кои чекориме кон патот на успехот Тие се оние кои одбраа да направат промена заедно со мене. Оти тие веруват во мене, а јас во нив. Желбата за успех која ја имав, Safe Life GRAWE само ја разбуди и сега учам од најуспешните како да бидам најдобар. На подиумот има место за сите ако посакаш. А, кога сакаш нешто, кога работиш нешто што сакаш, ти успеваш. Кога легнуваш и се будиш со желба за успех, тој е тука.

Полека денот се губи зад облаците, а јас полека по напорниот ден се враќам дома. Отворам врата и ја забележувам мојата мајка која колку и да е уморна ме гледа со оној милен мајчински поглед и ме прашува „Како помина, сине?“ Ме гушка. Затворам очи. И во моето срце и во моето душа ечи она: Ќе успеам.

За авторот

Бобан Јорданоски е роден 1986 во Кичево, каде што живее и работи. Има спастична диплегија (форма на церебрална парализа) и има дипломирано Правен Факултет. Тој е преседател на Мобилност Кичево и е капитен на фудбалскиот тим на Мобилност Македонија. Работи во ЕЛЕМ РЕК „Осломеј“ и моментално го живее својот сон, работеќи приватен бизнис со осигурувањето Safe Life GRAWE.

Објавен : септември 24, 2019