Еден ден со Беира Салифоска

Следејќи го летниот ритам, ја објавуваме осмата сторија од серијалот „Еден мој ден“ што ни ја раскажа прецизната студентка и масерка Беира Салифоска

Живеењето и работењето десетина години сама во хаотичен град како Скопје, оддалечена 3-4 часа возење од најблиските од моето семејство кои можат да ми помогнат, студирањето веќе четврта година во образовен систем што не е многу пријателски настроен кон луѓето со оштетен вид, решавањето на станбеното прашање и сите административни пречки што произлегоа од лошите законски решенија за слепите луѓе, како и ред други потешкотии со кои морав да се соочам изминативе години, се нешта кои е многу тешко да се објаснат раскажувајќи еден од оние денови што течат вообичаено и без турбуленции. Сепак, во интерес на оваа серија написи, ќе се обидам најдобро што можам да ви доловам како поминува еден мој обичен ден.

Се трудам мојот живот, а и деновите во него да не се разликуваат од оние на другите луѓе (како што ние, слепите, ги нарекуваме лицата без оштетен вид), и мислам дека тоа и ми успева во голема мера. Единствената разлика е тоа што во бројни ситуации, ние слепите луѓе ја немаме можноста да го скенираме сето она околу нас со еден поглед за да осознаеме каде што сè се наоѓа, па го користиме сетилото за допир. Затоа, мораме да вложиме многу повеќе време, како и напор за просторно мапирање за да завршиме некоја основна активност од типот: чистење, перење, одење и враќање од работа.

Во принцип сум човек што сака да станува рано, така што во работните денови, а најчесто и преку викендите, станувам во 06:20. Следува една од моите одамна усвоени навики – местењето на креветот. Оваа и некои други навики од школските денови, за кои тогаш мислевме дека се само начини за расипување на детското уживање, ми помагаат многу денес кога сум возрасна.

Подготовки за работа. Патем, проверувам на телефонот (обичен андроид со бесплатен читач на екран на него) за да слушнам колку станало часот и дали е време да излезам. Се подготвувам релативно брзо и веќе во 06:40 тргнувам. Има денови кога некој од моите колеги поминуваат од кај мене и ме земаат заедно да одиме до Институтот за физикална и медицинска рехабилитација. Секако дека кога одам со некого ми е полесно, но има и денови кога морам да одам сама.

Кога одам сама мојот мозок мора да ги тргне настрана секојдневните проблеми, што не е баш лесно и да се фокусира само на патот; автомобили кои поминуваат, велосипеди, разни дрва, спуштени гранки, билборди, новоотворена дупка од некој прекоп на улицата поради некое градилиште што ја немало до вчера, и слични бариери штетни по мојата безбедност. Се концентрирам да не згрешам влегувајќи во некоја друга улица или сокаче бидејќи ориентацијата без вид бара стриктно држење до рутите што ни се меморирани, така што и мали отстапки придонесуваат за дезориентирање и губење многу време.

Во мојот живот важи правилото „Доцнењето е навреда“, па така и на работа се трудам да стигнам некоја минута порано.

Утринскиот муабет и кафето со моите колешки е еден од омилените делови од денот. Секогаш водиме различни разговори: од убави, па се до некои непријатни нешта кои некогаш се случуваат. Единствено што можам да го издвојам како позитивно во мојата работа се моите драги колеги, кои несебично ме поддржуваат и сакаат, таква каква што сум, без предрасуди и лицемерие. За жал, има и многу негативности кои треба да се сменат, но тука нема да ги спомнам.

По завршувањето на кафето, тргнувам во работната просторија каде што ме очекуваат веќе неколкуте дојдени пациенти, кои треба да бидат измасирани од мене. Обично се вели дека работата со луѓе е многу тешка, во што има голема вистина. Различните карактери и различните проблеми понекогаш придонесуваат навистина да имам тежок и напорен ден.

Околу 14.30 часот размислувам како ќе си одам, дали ќе ме земе мојот персонален асистент или некој од моите добри колеги ќе ме однесе до дома. Враќањето сама попладне е тешко и ризично, затоа што по пат се среќавам со многукратно зголемување на бројот на препреките . Најтешко ми е кога на патот има некој камион и тогаш си велам: Беки, подобро чекај да помине некој случаен минувач и да ти помогне, за да не се случи нешто несакано.

Дома пристигнувам нешто по 15 часот и се одморам околу еден час. Потоа размислувам што да си спремам за јадење, па доаѓаат обврските околу чистењето на мојот дом, пуштањето на машината за перење и пеглањето.

Кога имам испитна сесија, преостанатиот дел од денот го користам за учење и препишување од компјутер на брајово писмо, па така сама себе си подготвувам материјали од кои подоцна учам. Драги мои, ние луѓето со оштетен вид, ја немаме таа среќа да отидеме во библиотека и да ја земеме книгата што ни е потребна. Она што го правам конкретно јас е вложување неколкукратно повеќе време, енергија  и труд за да си обезбедам брајови книги. За среќа, професорите до сега имаат разбирање за овој проблем. Но, има и такви кои нас, лицата со оштетен вид, постојано не споредуваат со оние без оштетен вид и се збунети кога гледаат дека ние некои работи ги правиме побавно или поинаку од нив. Затоа, ве молам, никогаш не правете паралели од таков тип, посебно не без вистински да навлезете во нашите животи и да разберете како ние навистина живееме, без идеализирања и помодарскиот инклузивен систем кој не е насочен кон наша реална општествена вклученост.

Кога немам испитна сесија времето го користам за да излезам надвор со моите пријатели кои навистина ги имам во голем број. Имено, јас сум човек што ужива да е надвор, мислам, кога подолго време останувам внатре се гушам и се чувствувам многу непријатно.

Затоа што станувам релативно рано, гледам сите обврски да ги завршам до 22 часот и да одам веќе во кревет и повторно да бидам наспана и свежа за наредниот ден.

Не секогаш денот ми е исполнет. Има и денови кога мора да сум дома, кога нема едноставно со кого да се излезе, но тие денови не се во голем број.

Има и работи кои посебно ме исполнуваат, како патувањата низ различни држави, особено оние проекти за лица со оштетен вид преку програмата Еразмус плус, кои ги посетувам многу често. Тоа се навистина незаборавни дружби и одлично поминати денови. Најмногу се радувам кога одам со она друштво со кое најчесто патуваме, си знаат тие кои се. Исто така, ја сакам музиката и сакам да одам на концерти, но за тоа ми треба придружба, затоа што настаните од таков тип воопшто не се пристапни за лицата со оштетен вид. Љубител сум и на спорт, особено на фудбал и ракомет, а сакам и одење на планина и пливање. Можам слободно да кажам дека уживам кога сум во природа или некаде во вода.

Иако се трудам, тешко е да се живее нормален живот како лице со оштетен вид во едно ненормално општество, како ова нашето. Понекогаш се прашувам дали е ова дваесет и први век и дали е нормално човек да се бори за основните услови кои треба да ги имате на работното место; нормално ли е да немате звучна сигнализација или соодветен пристап до факултет, болница и сите други институции кои му се потребни на секој од нас. Трпение, спасение, па ете ќе чекам/е некои подобри времиња, кога и ние со оштетен вид ќе добиеме подобри услови за живеење.

За крај, сакам да упатам една општа порака која колку и да звучи банално, сметам дека потребно е што повеќе да се кажува за да стане дел од нас. Драги мои, сакајте се, почитувајте се, чувајте ја природата и се што ни дава таа. Сакајте ги своите родители, браќа, сестри и сите оние кои ви значат нешто. И најважното според мене, сакајте ги децата, чувајте ги и никогаш не ги повредувајте.

И да, кога веќе пишувам за себе, морам да кажам дека и јас си имам свое мото што ми помага да издржам во дадени мигови во мојот не така лесен живот, кое го има кажано мојот идол Игор Џамбазов: „И кога сите бродови ќе ти потонат, најди едно поле. Поле широко. Па, затвори очи, исклучи уши, растерај мисли и… диши длабоко. И обиди се да научиш нешто од сопствените грешки. Да научиш нешто од себе. Она што веќе си го искусил“.

За авторот

Беира Салифоска својот тридецениски животен пат го почнува во Пласница, Македонски Брод. Потоа доаѓа во Скопје и 12 години престојува во интернатот на државното училиште за деца и млади со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Кисела вода. Има завршено средно школо за физиотерапевтски техничар и вработена е скоро 11 години во Институтот за физикална и медицинска рехабилитација. Моментално е студент на Институтот за специјална едукација и рехабилитација (дефектологија).

Слепилото и е од раѓање, односно има глауком.

Објавен : август 19, 2019