Еден ден со Анита Ѓорѓиевска

Следува објавување на 12от наратив од серијалот „Еден мој ден“, кој за ПРКОС го разкажа посветената сопруга и мајка Анита Ѓорѓиевска

Драг читателе,

Пред да ги прочиташ моите вообичаени секојдневни активности, ти пишувам на кратко неколку значајни информации за мене, за вистински да ти доловам колку, и покрај необичното детство, јас сега слободно можам да кажам дека имам еден обичен ден, како секоја друга мајка и сопруга без оштетување на видот.

Јас сум Анита Ѓорѓиевска. Имам 25 години, сопруга и мајка на две прекрасни дечиња: Матеја – 4 и пол години и Давид – 14 месеци.

Вработена сум во Институтот за физикална медицина и рехабилитација како масер/терапевт. Имам завршено средно четиригодишно образование како Физеотерапевтски техничар, со желба и планови за понатамошно мое професионално и интелектуално надоградување т. е. да се запишам на некој факултет што би ми донел подобра перспектива и подобра работна позиција.

Денот ми започнува со станување во 6 часот. Се подготвувам за работа, па откако ќе го завршам тоа, ја будам мојата малечка Матеа за одење во градинка. Ја подготвувам неа, па заедно со сопругот, којшто исто така е лице со оштетен вид, излегуваме од нашиот дом.

По желба на Матеа, честопати во градинка ја носам и сама. Меѓутоа малиот остаток на вид од околу 2 % што го имам во моментов во комбинација со огромниот број несовесни возачи и лошата сообраќајна инфраструктура за лицата со оштетен вид, предизвикуваат јас и Матеа понекогаш да чекаме и по 4-5 минути на семафор/пешачки со цел да преминеме; дури тогаш кога ќе сум сигурна дека јас и таа сме целосно безбедни. Понекогаш се случува и додека свети зеленото светло за пешаци пред нас да прелета некој автомобил, и тогаш Матеја, која за среќа нема никаков проблем со видот, се чуди како 4 и пол годишно дете и ме прашува зошто колата поминала кога е зелено за нас?

Откако ќе ја оставам во градинка, одам на автобуската станица, каде што се сретнуваме со сопругот, којшто ме чека да фатиме автобус и да одиме на работа. За среќа, честопати се случува некоја од колешките со кои работиме заедно, а живеат во наша близина, на поминување да не качат во кола, па така побрзо и побезбедно да стигнеме до работното место. Ваквиот нивен гест мене и на сопругот ни е од голема помош, за што и овде им се заблагодарувам за љубезноста и секогаш пријателското настроение.

По стигнувањето на работното место, имаме околу половина час да се подготвиме за почетокот на работниот ден и нашите пациенти. Тогаш со колешките си споделуваме разни случки и разговараме за секојдневни нешта. Честопати и мене ми се случува да кажам по некоја од моите необични незгоди, најчесто предизвикани поради малиот остаток на вид. Една од тие случки што веќе сум им ги раскажала на колешките е следнава. Во зградата во која што живеевме порано, имаше и едно големо црно куче, Ана. Еднаш спремајќи се за одење на одмор, го ставивме куферот на скалите во ходникот. Но, трчајќи лево-десно да проверам да не заборавам нешто, јас заборавив дека куферот е на скалите, па при излегување за него помислив дека тоа е Ана, големото црно куче и почнав да викам: „Ана, Ана!“. По неколку мига се сетив дека тоа е куферот, па заедно со сопругот и Матеа… смеење до солзи! Впрочем, се случува често, посебно ние лицата со делумно оштетување на видот да не здогледаме нешто, па настануваат и смешни, но и незгодни ситуации. Луѓето не секогаш разбираат дека покрај лица со целосно оштетување на видот и лица без никакво оштетување на видот има и такви кои се помеѓу едните и другите, па реагираат кога нетрпеливо, кога немаат разбирање. На пример, кога ни е потребно повеќе време да извршиме некоја задача, или, пак, кога ни пристапуваат со извесен сомнеж за нашето оштетување на видот.

Откога ќе се подготвиме, се упатуваме кон работните места, каде што даваме сè од себе навремено и квалитетно да ги измасираме нашите пациенти.

По завршување на работното време, заедно со сопругот се упатуваме кон градинката на нашата Матеа, а од таму сите тројца си одиме дома, каде што, чуван од баба си, не очекува нашиот јунак Давид. Тогаш подготвувам нешто за ручек. Веројатно се прашуваш како готвам, како препознавам кога храната е целосно готова и слични женски домашни активности? Јас би рекла дека тоа е многу едноставно, барем за мене тоа беше така. Луѓето работат главно користејќи ги очите, а ние, лицата со оштетен вид, многу повеќе ги користиме останатите сетила. Така, кога јас подготвувам каква било храна, прво, треба да знам која состојка (зачин, сол, шеќер, масло ) каде е ставена и каква е кутијата на допир, а ако има мирис, да знам и како мириса истата. Второ, потребно е да ја запаметам позиционираноста на копчињата или да ги обележам нив на кујнските апарати и слични мали трикови што мене и на останатите готвачки со оштетен вид ни помагаат кога правиме нешто вкусно.

По ручекот, одмораме играјќи си со нашите дечиња и се договараме како да го поминеме остатокот од тој ден. Најчесто некаде излегуваме. Одиме во парк каде што се шетаме, дечињата се лулаат, или, пак, одиме во Сити Мол, односно во дворот на баба, каде што Давид си има своја лулашка, а јас и сопругот знаејќи дека дворот е заграден можеме конечно малку да здивнеме.
По околу час и половина се враќаме дома, правам вечера за моите најмили, вечераат, па следи капењето, по кое заспиваат најчесто покрај мамичка.

Во остатокот од вечерта доаѓаат „моите 5 минути“ во кои: подготвувам облека за сите нас за утрешниот ден, ја вклучувам машината за перење, пеглам, ги мијам садовите, простирам алишта… Во меѓувреме поткаснувам нешто, се туширам и околу полноќ, кога сето ова ќе се заврши, го местам алармот во 6 часот наутро и си легнувам.

Ете, така отприлика изгледа еден мој обичен ден, во кој обврските, радостите, грижите, предизвиците и сè останато не се разликува многу од истите нешта кога нив ги прават луѓе без оштетување на видот.
На крајот ќе го кажам само уште следново. Јас од мојот живот научив дека и без родители и со попреченост, ако човек е упорен, има силна волја, желба и надеш да успее – среќата ќе му се насмевне и она што го посакувал, тој ќе го оствари еден ден.


За авторот

Анита Ѓорѓиевска е родена во Куманово, а живее и работи во Скопје. Има 25 години, сопруга е на Иван и мајка на Матеја и Давид. Вработена е во Институтот за физикална медицина и рехабилитација како масер/терапевт. Има завршено средно четиригодишно образование како Физеотерапевтски техничар, со желба и планови за понатамошно професионално и интелектуално надоградување.

Објавен : октомври 3, 2019