Десет аутистички факти

Родителите на децата со аутизам ги голтаат сите информации за ова нарушување. Но, што е со роднините, наставниците и обучувачте? Малкумина надвор од најблиското семејство сакаат да прочитаат дваесеттина страници издадени од националните здравствени институти. Овде објавуваме неколку основни нешта за оние кои познавааат и комуницираат со аутист

  • Аутизмот е спектарно нарушување

Луѓето со аутизам можат да бидат и малку аутистични и многу аутистични. Така, можно е да се биде бистар, со говор, но и аутистичен. А, исто и да се имаат спознајни предизвици, да се нема говор и да се биде аутистичен. Симптомите можат да имаат широк опсег: од чувствителност на светлина и звук, па сѐ до невообичаени „научнички” способности. Нарушувањето што вклучува толку широк обем на симптоми честопати се нарекува спектарно нарушување, и оттука и изразот „аутистично спектарно нарушување”. Најзначаен симптом што го споделуваат сите засегнати е тешкотија во комуникациите со другите (контакт со поглед, разговор, заземање на туѓа гледна точка, итн.)

  • Аспергеровиот синдром е високо функционален облик на аутизам

Аспергеровиот синдром веќе не постои како формална дијагноза (од мај 2013). Сепак, терминот сѐ уште се користи за да се опише облик на аутизам при кој луѓето развиваат говор навреме, разумни се и елоквентни, но се соочуваат со големи предизвици во социјализирањето (затоа Аспергеровиот синдром си го има заработено прекарот „geek синдром”). Честопати нарекуван „високофункционален аутизам”, ова нарушување сепак може да претставува голем предизвик зошто може да вклучува анксиозност, сетилна дисфункција и други симптоми.

  • Луѓето со аутизам се разликуваат еден од друг

Ако сте го гледале Дождовниот човек (Rain Man), или некоја телевизиска емисија за аутизам, можеби си мислите дека знаете како „изгледа” аутизмот. Но, всушност, кога ќе запознаете со личност со аутизам, сте сретнале само една личност со аутизам. Некои луѓе со аутизам сакаат да разговараат, други пак молчат. Многу имаат сетилни проблеми, гастроинтестинални проблеми, тешкотии со спиењето и други медицински проблеми. Други немаат. А, трети пак страдаат од доцнење во комуникацијата со другите, но се способни да функционираат многу добро во типично опкружување.

  • Има десетици третмани за аутизам, но нема лек

Според сознанијата на науката, досега не постои лек за аутизам. Со ова не сака да се каже дека на луѓето со аутизам не може да им се подобри состојбата, зошто кај многумина тоа се случува, и тоа радикално. Но, дури и кога луѓето со аутизам ги зголемуваат и подобруваат своите вештини, тие се’ уште се аутистични, што значи дека тие мислат и восприемаат поинаку од повеќето други луѓе. Децатасо аутизам можат да добијат најразлични третмани. Тие третмани можат да бидат медицински, сетилни, бихејвиорални, развојни, па дури и засновани врз уметност. Во зависност од детето, одредени тремани ќе имаат повеќе успех од други.

  • Постојат многу теории за тоа што го предизвикува аутизмот, но не постои консензус по тоа прашање

Можеби сте виделе или слушнале на вести за можните причини за аутизам. Теориите се движат од живата во детските вакцини како причинител (иако постои изобилство од докази што ја побиваат оваа теорија), па сѐ до генетиката и возраста на родителите, и речиси сѐ друго. Во моментов, најмногу истражувачи сметаат дека аутизмот е комбинација од генетски фактори и фактори на опкружувањето и дека е сосема возможно различните симптоми кај луѓето да имаат различни причини.

  • Децата ретко го надраснуваат или надминуваат аутизмот

Аутизмот е обично доживотна дијагноза. Кај некои луѓе, честопати (иако не секогаш) кај оние кај кои рано и интензивно се интервенирало, симптомите можат драстично да се намалат. Луѓето со аутизам исто така можат да научат вештини на справување за да им помогнат да управуваат со своите тешкотии, па дури и да развијат свои уникатни силни страни. Но, една личност со аутизам најверојатно ќе остане аутистична во текот на целиот живот.

  • На семејствата кои се справуваат со аутизам им е потребна помош и поддршка

Дури и „високо функционалниот” аутизам е предизвик. „Ниско функционалниот” аутизам може да биде премногу и за целото семејство. Семејствата би можеле да поминуваат низ многу стресови и потребна им е целосна и неосудувачка помош што можат да ја добијат од пријателите, поширокото семејство и од оние што даваат услуги. Негата за оддишка (некој друг се грижи за личноста со аутизам додека другите членови на семејството малку се одмораат) може да спаси нечиј брак или семејство.

  • Не постои „најдобро училиште” за дете со аутизам

Можеби сте чуле за некое неверојатно „училиште за аутистични” или сте прочитале како на некое дете особено добро му оди во одреден вид опкружување во училницата. И, иако некое одредено опкружување би можело да биде совршено за одредено дете, секое дете со аутизам има свои специфични потреби. Дури и во некој идеален свет, „вклучувањето” на дете со аутизам во едно типично одделение би можело да не биде баш најдобар избор. Одлуките за аутистичното образование обично го носи цел тим што се состои до родителите и од наставници, администратори и терапевти кои добро го познаваат детето.

  • Постојат многу неосновани митови за аутизмот

Медиумите се полни со приказни за аутизмот, но многу од тие приказни не се баш точни. На пример, можеби сте чуле дека луѓето со аутизам се студени и без чувства, или дека луѓето со аутизам никогаш не се мажат или женат и не можат да задржат продуктивна работа. Но, бидејќи секоја личност со аутизам е различна, таквите „секогаш” и „никогаш” изјави едноставно не држат вода. За да се сфати една личност со аутизам, подобро би било да се помине некое време со неа за подобро лично да се запознаете со неа.

  • Аутистичните луѓе имаат многу силни страни и способности

Можеби ви се чини дека аутизмот е целосно негативна дијагноза. Но, речиси секој во спектарот на аутистични нарушувања може многу да му понуди на светот. Луѓето со аутизам се меѓу најискрените, најчесните и најпосветените луѓе што некогаш ќе ги сретнете. Тие се исто така идеални кандидати за многу видови кариери.

Превод: Марија Џонс

Извор: Very Well Health

Објавен : април 7, 2021