Дени Жерновска: Кога нешто е убаво, сакам да трае

Дени Жерновска е деветтоодделенка со многу дарби и желби. Иако има церебрална парализа и е во количка, таа интензивно и радосно го прегрнува секој миг од животот. Со оваа несекојдневна тинејџерка разговаравме за секојдневни нешта, кои всушност ги ткаат нашите животни приказни.

Дени, јас веќе некое време ги следам твоите активности на фејсбук, и импресионирана сум и инспирирана од живиот ентузијазам со кој учествуваш во сите свои таленти. Ти имено веќе неколку години танцуваш во инклузивното студио „Еурека“, скијаш, пишуваш стихови, пееш, а од неодамна почна да свириш и пијано. Како ти успева да си активна на толку полиња? И во кое од овие нешта најмногу уживаш?

Првенствено, јас имам многу голема желба и мотив за доживување на нови работи, за кои многумина мислат дека ми се недостапни. Секогаш сум подготвена и орна да бидам вклучена во нови предизвици, кои не ме оптоваруваат воопшто, туку напротив ми се предизвик и уживам во нив. Некако и ми се погодуваат соработките со оние луѓе кои ми помагаат во реализацијата на идеите, желбите, интересите… Веројатно препознаваат дека горам од желба за музика и танц и со целокупна поддршка од нив и моите најблиски, засега успевам во сето тоа.

Многу сакам да танцувам во „Еурека“, каде уживам во часовите секоја сабота во нивното студио со останатите деца. Кате од „Еурека“ ни е голема поддршка и без неа немаше да се случи најубавата сказна наречена „Еурека.“

Исто така, со подеднаква љубов, уживам и во пеењето. Љубовта кон музиката ја открив со помош на мојата прва наставничка по музичко образование Елизабета Глишиќ. Уживав на нејзините часови и хорската секција, и имав голема поддршка од неа. Оваа година почнав да одам и во музичкото училиште на Андријана Јаневска, каде вежбам и учам пеење и подготвуваме убаво изненадување, ако ни дозволи короната.

Кога имам инспирација, веднаш ми текнуваат текстови и песни, и тогаш веднаш ги запишуваме. Уживам во сите овие работи подеднакво.

Ти, Дени, не си „стандардна“ тинејџерка. За да направиш било каква работа што многумина ја сметаат за обична, тебе ти е неопходна помош, екстра време и додатен напор. Па, ајде, опиши како изгледа еден ваш ден – твој и на твоите посветени родители. Дали освен нив ти помага и некој друг? Или целиот товар е на нивни плеќи?

Мојот ден започнува со училишните обврски како и за останатите деца. Оваа година одам со физичко присуство. Сакам да одам на училиште бидејќи денот ми е поисполнет. Некогаш ми е малку страв, посебно на тие предмети кои не ми одат, но почесто е забавно и дружењето со децата, па и со наставниците, и тоа ми дава убави чувства и исполнетост.

Многу сакам да учествувам во разни проекти, кои се прават во училиштето и секогаш се пријавувам да учествувам. Мајка ми на шега знае да ми каже: „Те молам прескокни еден проект, да земеме воздух”, а всушност е најсреќна кога проектот ќе се реализира со мое присуство.

Мајка ми секое утро ме носи до училиште, откако ќе се подготвиме, што трае еден час, некогаш и повеќе. Во училиште сум со образовниот асистент Јулија, со која многу се поврзав. Некако си се погодивме, баш ми одговара на мојот темперамент и не ме ограничува во моите замисли поврзани со училиштето.

Бидејќи мајка ми работи, со нас е и тетка Магде која ме пречекува од училиште и е со мене додека мајка ми се врати од работа. Со неа ги правам најубавите честитки, бидејќи не ми се меша во моите идеи. Потоа пишувам домашни и учам со помош на мајка ми, тоа што не сум го завршила со образовниот асистент. Двапати неделно посетувам онлајн курс по англиски јазик во група. Исто така имам и онлајн часови по германски јазик.

Татко ми е задолжен за носење на часовите по пеење и танц и секаде каде што треба. Ако татко ми е на пат, вујко ми стапува на сцена и тој ме носи.

Јас, за да успеам да го исполнам мојот ден со сите овие активности и да ги реализирам сите мои замисли, навистина имам поддршка од сите блиски околу мене.

Главниот „менаџер” е мајка ми и таа често знае да каже дека сите околу мене сочинуваат еден ланец од карики. Ако една карика недостасува во денот, се нарушува квалитетот на тој ден, т.е. или не можам да отидам на училиште, или мајка ми треба да земе ден одмор од работа или не можам да одам на часови по танц или пеење. Децата на моја возраст немаат потреба од овој ланец од карики, но ова е мојот начин на живеење.

Оваа учебна година го завршуваш основното образование. Учиш во скопското ООУ „Гоце Делчев“ и веќе девет години следиш класична настава. Како се снаоѓаш на училиште? Дали се чувствуваш целосно вклучена и прифатена од твоите соученици и наставници?

Во моето училиште јас сум навистина добро прифатена од моите соученици и од наставниците. Секако со некои соученици сум поблиска и повеќе се дружам, со некои помалку или воопшто не. Наставниците исто така ме вклучуваат во сите проекти подеднакво како и другите деца. Посебен контакт имам со наставничката по музичко Сузана Турунџиева.

Наставничката по музичко, Сузана Турунџиева, е твој голем фан, а ти – нејзин. Се чини дека меѓу вас двете постои одлична синергија и меѓусебно се мотивирате. Таа објавува видеа од твоите успеси на часовите, а ти пишуваш песни за тоа. Раскажи ни нешто повеќе за вашето пријателство. Што е тоа што го прави толку посебно?

Морам да кажам дека на почетокот бев воздржана кон новата наставничка по музичко, бидејќи премногу ја сакав претходната наставничка која замина во пензија и која ми беше поддршка во мојата љубов кон музиката и воопшто.

Како поминуваа часовите, почна и нашата приказна со наставничката Сузана Турунџиева. Taa ја почувствува мојата љубов кон музиката и мојата желба да пеам. Во време на пандемијата имавме онлајн неколку концерти за Нова година и Велигден, за кои се подготвувме на хорската секција, која ја одржувавме онлајн.

Моја неостварена желба беше да свирам на пијано. Во една прилика и спомнав колку би било убаво да пробам да свирам и јас на пијано. Таа ја прифати мојата желба и оваа година со нејзина помош почнав да вежбам да свирам на пијано. Омилено ми е кога свириме заедно.

Нејзината поддршка ми дава крила и сега секоја среда имаме час по пијано во најубавиот кабинет по музичко во моето училиште.

Што те прави тажна, а што среќна? И за крај, ќе ни откриеш ли која е твојата најголема желба?

Среќна сум кога се дружам со децата, кога пеам, кога танцувам, кога свирам на пијано со помош на наставничката. А, тажна, тажна сум понекогаш, да. Тажна сум кога на нешто убаво му доаѓа крајот, а не сакам да престане убавото и сакам да трае.

Ирена Поповска

Објавен : ноември 22, 2021