Бонтон кон глуви луѓе

Практични совети што секој од нас треба да ги знае
Јазикот со знаци е сосема поинаков јазик од македонскиот говорен јазик, со своја сопствена, различна синтакса. Читањето од усни е тешко за лицата кои се глуви ако нивниот прв јазик е знаковниот, бидејќи поголемиот дел од звуците на македонски јазик се формираат во устата и тешко е да се чита говорот на втор јазик.
Сепак, лицата кои имаат оштетен слух комуницираат на македонски.
Нив слухот не им е комплетно оштетен, па тие слушаат, но зависат
од тонско засилување и/или гледање на усните од говорникот, за
ефикасно да комуницираат.
Спектарот на комуникациски преференци и стилови кај лицата
со оштетен слух е толку голем што не може да се објаснат во овој
краток простор. Корисно е да се забележи дека поголемиот дел од
лицата кои се здобиле со оштетување на слухот како повозрасни,
не комуницираат со знаковен јазик, туку користат македонски јазик
и може да бидат кандидати за користење уреди што помагаат при
слушање и пишување за подобрување на својата комуникација. Лицата со импланти за слушање, како и другите лица со оштетен слух, обично самите ќе ве информираат што најдобро функционира за нив.
Кога се работи за размена на сложени информации (на пример, за
време на интервју за работа, докторска посета или пријавување
кривично дело) со лице чиј примарен јазик е знаковниот, најдобар
начин е да се користи преведувач. За едноставна интеракција (на
пример, нарачување во ресторан или регистрирање за хотелска соба),
размена со пишан говор е прифатлива.
Следете ги знаците што ви ги дава лицето за да дознаете дали повеќе
сака комуникација со знаковен јазик, со гестови, со пишување или со
зборување. Ако имате проблеми со разбирањето на говорот на некој
што е глув или наглув, дајте му до знаење.
Кога користите преведувач на знаковен јазик, гледајте го директно
лицето што е глуво, бидете љубезни и одржувајте го контактот со очите директно со лицето. Обраќајте му се директно („Што би сакала?“), а не на преведувачот („Прашајте ја што сака“).
Глувите лица треба да бидат вклучени во процесот на донесување
одлуки за прашањата што и нив ги засегаат; не одлучувајте за нив.
Пред да зборувате со глуво лице или со лице со нарушен слух,
осигурајте се дека го имате нивното внимание. Во зависност од
ситуацијата, можете да ја исправите раката, да им мавнете, да ги
допрете за рамото или да ги палите-гасите светлата. Доколку лицето
не ве разбере, преформулирајте ги, наместо да ги повторувате истите
реченици.
Кога зборувате, свртете се кон глувиот. Тивка, добро осветлена
просторија е најповолна за ефикасна комуникација. Ако сте пред извор на светлина (на пример, прозорец) свртени со грбот кон него, отсјајот може да го замагли вашето лице и да му отежни на лицето што е наглуво да чита од вашите усни.
Зборувајте јасно. Повеќето лица кои го загубиле слухот зависат од
читање на вашите усни за да можат да ве разберат. Избегнувајте гуми
за џвакање, пушење или ставање рака на устата додека зборувате.
Нема потреба од викање. Ако лицето користи слушно помагало, тоа ќе
биде наштелувано за нормални нивоа на глас; вашето викање може
само да го наруши звукот и да ги изврти зборовите.
Извор: Deaf Etiquette
Објавен : јануари 17, 2022