Беира Салифоска: Кога нешто искрено посакувате, тоа ќе се оствари

Инспиративно викенд интервју со Беира Салифоска (32), која прва во Македонија дипломираше на Брајово писмо.

Драга Беира, најпрво срдечни честитки за стекнатото звање дипломиран специјален едукатор и рехабилитатор! Вие, имено, минатиот петок на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при УКИМ успешно го одбранивте својот дипломски труд, прв во Македонија сработен на Брајово писмо. Какво е чувството кога сонот станува јаве?

Пред сѐ, ви благодарам за убавите честитки. Да бидам искрена, ми требаше време од неколку дена да ги средам чувствата и да проанализирам сѐ што ми се случи. Тоа беше едно убаво и незаборавно искуство проткаено со прекрасни моменти. И што е најважно, на самата одбрана бев опкружена со прекрасни луѓе, кои ми се многу блиски и драги.

Исто така, фактот што мојот дипломски труд го добив отпечатен на Брајово писмо, ми побуди прекрасни чувства. Мирисот на книга секогаш ме восхитува, а посебно кога знаете дека тоа е вашиот дипломски труд.

Раскажете ни како течеше процесот на студирање на една вонредна студентка со целосно оштетен вид, од инфраструктура до литература. Колку време траеа студиите, како се снаоѓавте со материјали за учење, колку и како ви се наоѓаа наставниците и колегите, а колку им помагавте вие ним?  

Процесот на студирање воопшто не беше лесен, беше тоа една макотрпна работа, која траеше речиси седум години.

По некои предмети имав материјали во електронска форма, а по некои – не, па морав сама да ги препишувам на Брајово писмо, затоа што јас секогаш го избирам читањето пред слушањето на книги за учење.

За жал, сите сме свесни дека нашата инфраструктура е на многу ниско ниво. А и фактот дека сум вработено лице, ми беше додатно отежнување. Па така, секогаш морав да организирам некој да ме однесе и земе од факултет, за да можам побрзо да се вратам на работното место, да не трпат моите колеги и пациенти со моето отсуство.

Дел од професорите ми даваа поддршка, за каква и да имам потреба, како и дел од колегите. А се надевам дека сум била и јас од некаква помош на моите колеги. Ама тоа најдобро би го кажале самите тие.

Забележав дека вашата дипломска работа се занимава со актуелна проблематика која гласи „Предизвиците на лицата со оштетен вид за време на Ковид-19 пандемијата“, и којашто е прва во земјава напишана на Брајово писмо. Интересни се и суштинските и техничките нејзини аспекти, па објаснете ги подетално.

Самата тема беше некако голем предизвик лично за мене бидејќи го осетив товарот на пандемијата и на себе. Ова е прв дипломски труд наменет за лица со оштетен вид, кој се занимава со проблематика како што беше пандемијата со Ковид-19.

Навистина се добија интересни податоци, кои во иднина може да ни послужат како лекција за да се подобрат нештата за лицата со оштетен вид. Исто така, имаше и многу корисни препораки од прва рака, од самите лица со оштетен вид, кои во иднина ако се спроведат навистина би се подобриле условите, а и услугите за лицата со оштетен вид.

Се надевам дека овој дипломски труд на било каков начин ќе придонесе за подобрување на условите на лицата со оштетен вид во нашето општество.

Вие, Беира, имате импресивна животна приказна. Јас ја знам од нашите соработки, и колку и да звучи прозаично, ме восхитува. Затоа, сакам да ја скицирате траекторијата на вашата сторија и да ја споделите со читателите; како слепото седумгодишно девојче од Пласница стана самостојна жена.

Сега кога ќе се навратам на тоа време, имам чувство како вчера да беше. Од седумгодишна возраст заминав од родната мала општина близу Македонски Брод во големото Скопје, во специјалното училиште за деца и млади со оштетен вид „Димитар Влахов“. Во интернатот престојував сѐ до завршување на моето средно образование. Тоа беше местото каде што сум ги научила сите животни вештини, местото каде што сум се челичела и осамостоила уште од мала возраст.

Потоа, самото вработување уште на 18 годишна возраст, беше за мене еден огромен предизвик, ама и огромна одговорност. Се трудев да исполнам сѐ што се бара од мене во врска со работата.

Имаше периоди кога навистина мислев дека сѐ што правам е залудно и дека нема излез на проблемите, но како созревав и како запознавав пријатели, сѐ повеќе ми стануваше полесно тоа што живеам сама.

Потоа ми дојде желбата да се запишам на факултет, да направам нешто повеќе за себе, да се надградувам со повеќе знаења. И тука имав потешкотии во целиот процес на струдирање, но ако се сака сѐ се може, треба само огромна желна и искрено да го посакувате она што сакате да ви се оствари.

Веќе 15 години работите како масерка на Институтот во Козле. Дали новата академска титула е предизвик и за ново работно место?

Да, веќе сум 15 години вработена на универзитетската клиника за физикална, медицина и рехабилитација. Овој период е едно огромно искуство за мене, во кое вложив многу работа и труд. Сепак, новата академска титула е огромен предизвик лично за мене, и се надевам дека ќе ми донесе и ново работно место, соодветно на она што го завршив, односно како специјален едукатор и рехабилитатор

Ирена Поповска

Објавен : март 3, 2023