3 декември – Меѓународен ден на луѓето со попреченост

Трети декември е Меѓународниот ден на лицата со попреченост. На овој ден Светската здравствена организација СЗО се здружува со партнери од целиот свет за да повика на акција за постигање на целите за одржлив развој (SDG) за, со, и од лицата со попреченост.

Денес повеќе од 1,3 милијарда луѓе се соочуваат со значителна попреченост, што претставува 16% од светското население. Многу луѓе со попреченост умираат порано, се изложени на повисок ризик да развијат цела низа разни здравствени проблеми и доживуваат повеќе ограничувања во секојдневното функционирање отколку останатото население. Ние овие полоши здравствени исходи ги нарекуваме „здравствени неправди“ бидејќи во најголема мера можат да се избегнат и се предизвикани од неправедни фактори во и надвор од здравствениот сектор. Во овие фактори спаѓаат, на пример, дискриминацијата во нашите општества, неправедните политики, детерминантите на здравјето, немањето пристап и недоволен квалитет во грижата, или негативните ставови на здравствените работници – да наброиме само неколку. Овие здравствени неправедности се груб потсетник дека лицата со попреченост најчесто се запоставуваат и дека постигнувањето на добро здравје и благосостојба за сите (SDG3) бара битно и значително учество и зајакнување на лицата со попреченост. Постигнувањето на SDG за, со, и од лицата со попреченост, повеќе од кога било порано, ни е во досег, само ако сме обединети.

Обединети во акцијата да ги спасиме и постигнеме SDG за, со и од лицата со попреченост

Со оглед на повеќекратните кризи со кои се соочуваме денес, светот не ги исполнува во зададениот рок бројните Цели за одржлив развој – Sustainable Development Goals (SDG) зацртани до 2030 година. Прелиминарните резултати на Извештајот на ОН за попреченост и развој што треба да се објави за 2023 година укажуваат на тоа дека светот уште повеќе заостанува во исполнувањето на на неколку  SDG за лицата со попреченост.

Потребно е нашите напори за спасување на SDG за, со, и од лицата со попреченост да се интензивираат и забрзаат, со оглед на тоа што лицата со попреченост биле маргинализирани низ историјата и честопати биле меѓу оние што најмногу биле запоставувани.

Темелно поместување во посветеноста, солидарноста, финансирањето и дејствувањето е од критична важност. Охрабрува што со усвојувањето на Политичката декларација на скорешниот SDG самит, светските водачи повторно се обрвзаа да ги постигнат одржливиот развој и споделениот просперитет за сите, фокусирајќи се на политика и постапки чија цел се најсиромашните и и најранливите, вклучувајќи ги и лицата со попреченост.

Стратегијата на Обединетите Нации за вклученост на попреченоста

Кога ја објави Стратегијата на Обединетите Нации за вклученост на попреченоста во јуни 2019 година, Генералниот секретар изјави дека Обединетите Нации треба да водат со свој пример и да ги кренат стандардите и перформансот на Обединетите Нации во врска со вклученоста на попреченоста – низ сите столбови на својата работа, од своето главно седиште па сè до теренската работа.

Стратегијата на Обединетите Нации за вклученост на попреченоста нуди основа за одржлив и трансформативен напредок во вклученоста на попреченоста низ сите столбови на работата на Обединетите Нации.Преку Стратегијата, системот на Обединетите Нации повторно потврдува дека полното и целосно остварување на човековите права на сите лица со попреченост е неотуѓив, интегрален и неделив дел од сите човекови права и основни слободи.

Во август 2023, Генералниот секретар го поднесе својот четврти извештај  за чекорите преземени од системот на ОН за имплементација на Стратегијата на ОН  за вклученост на попреченоста во 2022 година.

Знаевте ли

  • Од едната милијарда население со попреченост, 80% живеат во земјите во развој.
  • Се проценува дека 46% од постарите луѓе на шеесет и повеќе години се луѓе со попречености.
  • Секоја петта жена најверојатно ќе доживее попреченост во својот живот, додека пак секое десетто дете е дете со попреченост.

Извор: WHO & UN

Превод: Марија Џонс

Објавен : декември 3, 2023