Промоција на видео, брошура и постер

ПРКОС со задоволство ве поканува на промоција на својот нов проект. Продолжувајќи да шириме култура кон различностите, овојпат подготвивме триформатен пакет со светски стандардизирани етикеции за убаво однесување со децата со попреченост. Тој се состои од 10-минутно видео, во кое преку нарациите на Бистра Поповска, Ева Смилевска и Јане Велковски, надополнети со илустрациите на Ивана Маркоска Докоска, гледачот на духовит и сликовит начин се советува како треба да се однесува во обични ситуации.

Во брошурата и постерот, десетте практични совети ги систематизиравме концизно за да ви помогнат и за да ве охрабрат како да се запознаете со различните луѓе на каква било возраст и полесно да комуницирате со поинаквите од вас. Откако ќе ги прочитате, веројатно сите ќе се согласиме дека ако ги применуваме, атмосферата ќе биде позитивна и пријатна.

Видео продукцијата и анимацијата, како и дизајнот на публикацијата е на студиото Кома.

Промотори на проектот се Маја Цветаноска и Ристо Чулев. Маја е психолог со долга пракса во ран детски развој, социјална инклузија и психо-социјална поддршка на деца од ранливи групи. Ристо е веќе 20 години професор по филозофија, етика и урбана култура во Георги Димитров, омилен меѓу учениците ради својот уникатен метод на образување.   

Промоцијата ќе се случи во Кинотека, на 17 јуни, во 12 ч. Повелете и уживајте во новите познанства и другарства!

Објавен : јуни 14, 2023