Повик за учество во психо-социјални инклузивни работилници за ученици од 6то до 9то одделение

Психолошкото советувалиште кое работи во рамки на граѓанската организација ПРКОС во соработка со здружението РЕД Центар објавува повик за учесници во серија психо-социјални инклузивни работилници. Тие се бесплатни и ќе се одржуваат еднаш неделно во периодот од февруари до мај 2024 година со траење од час и половина.

Ако имате меѓу 11 и 14 години, ако имате или немате попреченост и ако сакате да дознаете повеќе за себеси и за другите, да се поврзете со свои врсници и заедно да ги истражувате предизвиците на растењето и созревањето, пратете ни ја вашата пријава на prkosime@gmail.com до 31 јануари.

Главна цел на овие работилници е подобро запознавање и прифаќање на себеси и на другите. Раната адолесценција е многу возбудлив период од животот, полн со предизвици. Наспроти општиот впечаток дека тинејџерите сакаат да бидат оставени на мир, ние знаеме дека тие пред сѐ сакаат да бидат разбрани и прифатени. Нашата силна страна е да слушаме без да критикуваме и да разбираме без да осудуваме.

Активностите кои ќе ги понудиме се интерактивни, креативни, забавни и друштвени.

Принципите на кои ги градиме работилниците се:

Безбедност – секој учествува онолку колку што сака и се чувствува пријатно; се почитува сечие мислење; ги уважуваме различните потреби на учесниците; договараме групни правила.

Правичност – за секого ќе бидат обезбедени соодветни услови за учество, бидејќи сите сме по нешто различни и ни требаат различни средства или начини за да учествуваме.

Солидарност и соработка – се интересираме за своите и за потребите на другите; зборуваме по еден за да се слушнеме; учиме за различните начини на изразување и учество на секој член; си помагаме кога тоа ни е потребно. Пред да понудиме помош проверуваме дали е потребна, а кога некој ни бара помош се обидуваме да одговориме на барањето. Понекогаш работиме во групи или парови.

Работилниците ги осмислуваат и водат Маја Цветаноска и Кирил Тројачанец, психолози и психотерапевти под супервизија. Маја има работено на различни програми за деца и млади кои ги истражуваат инклузијата, правата на децата, комуникацијата со деца, разрешувањето конфликти и менталното здравје на младите. Обожава да соработува и креира заедно со деца и млади. Кирил го инспирираат различностите меѓу луѓето и комуникацијата со деца и млади, како и музиката и неговиот саксофон. Работел на линија за поддршка на родители, а сега и како образовен асистент на две млади момчиња. 

Дојдете да се дружиме и да пркосиме заедно!

М.Ц.

Објавен : јануари 24, 2024