Повик за учество во психо-социјални инклузивни работилници за лица во трето доба

Психолошкото советувалиште кое работи во рамки на граѓанската организација ПРКОС објавува повик за учесници од трето доба во серија групни сесиии во форма на психо-социјални, тематски и инклузивни работилници. Тие се бесплатни и ќе се одржуваат на (дво)неделна основа, со траење од час и половина, во периодот од јуни 2024 до јуни 2025 година, и пауза во летните месеци.

Ако сте во трето доба од животот, ако имате или немате попреченост и ако сакате да научите како да живеете помудро, да комуницирате повешто, да се социјализирате полесно со свои врсници и заедно да ги истражувате предизвиците на стареењето; или пак ако имате блиска личност која што би можела да придобие нешто од ваков вид на работилници – пријавете се / ја електронски на prkosime@gmail.com или телефонски на 075 303041.

Целта на овие работилници е подобро запознавање и прифаќање на себеси преку разни активности, а со тоа и раст на менталната резилиентност и емоционалниот спокој. Со ваквиот пристап би дошло до олеснување на тешкотиите со кои се соочуваат лицата од трето доба: здравствени, психолошки и когнитивни промени,  како и физички и социјални пречки.

Третото доба (65+) е последна развојна фаза од животниот циклус на луѓето, во која се прави резиме на постигнатото и е пропратена со чувства на очај или задоволство. Лицата од трето доба може да имаат потешкотии при совладување или прифаќање на новите состојби. Отфрленоста од околината, честата изолираност и недоволната интеграција во општеството дополнително ја отежнуваат адаптацијата на промените. Блиските немаат доволно време за нив, така што тие се осамуваат и обесхрабруваат. Нивната несигурност е зголемена, а нивната самодоверба е намалена. Честопати се чувствуваат беспомошно и безнадежно…

Затоа, дојдете заедно да го олесниме товарот на годините во нашето катче за солидаризирање, сплотување и споделување на улица „Васил Мицков“ 7А, стан 2 (близу фабриката Реплек). Бидејќи нашата силна страна е да пркосиме и помагаме – да слушаме без да критикуваме и да разбираме без да осудуваме. Активностите кои ќе ги понудиме се интерактивни, креативни, забавни и друштвени.

Работилниците ги осмислува и води Кирил Тројачанец, психолог и психотерапевт под супервизија. Тој има работено во дом за стари лица каде што секојдневно одржувал групни активности и работилници. Има соработувано со други институции во одржување на работилници и бил дел од спроведувачите на меѓународен проект за возрасни лица и активностите на здраво и достоинствено стареење. Кирил поседува голема желба и ентузијазам за работа со повозрасни лица, а неговото искуство на ова поле ќе допринесе за развој на една поддржувачка и стимулирачка средина.

И.П. & К.Т.

Објавен : мај 26, 2024