Повик за пријавување на групни работилници и за закажување на индивидуална психотерапија

Психолошко советувалиште ПРКОС објавува повик за пријавување на заинтересирани кандидати за учество на првите две групни работилници на тема „Вештините и уметноста на комуникацијата“. Поради многу технички и суштински ограничувања, луѓето со попреченост и нивните семејсва потешко комуницираат со стандардниот свет. Проблеми во комуникацијата често се јавуваат и дома, па таа станува кратка и формална, па груба и навредлива, за на крајот да ја снема.

Успешната колмуникација е основата на меѓучовечките односи. Преку зборовите ги искажуваме нашите мисли и чувства. Кога редовно би се прашувале каква е нашата комуникација со другите луѓе би можеле да одговориме на овие прашања:

  • Дали е лесно да го кажеме она што го сакаме?
  • Дали тоа е кратко и јасно а исцрпно, доволно разбирливо и разумно, а интересно и привлечно?
  • Каков е квалитетот на нашата секојдневна комуникација?
  • Колку размислуваме кога се обраќаме кон себе и другите?
  • Кога ќе започнеме контакт, дали навистина сакаме да се поврземе со друга личност, контактот да ни донесе пријатност, да нѐ збогати, исполни?
  • Дали и колку често после контактот со некој размислуваме за убавината на тој контакт?
  • Или се завртуваме рамнодушно, и забораваме што се случило?
  • Дали се трудиме да го разубавиме тој момент, да го продолжиме?
  • Колку често комуникацијата која што ја остваруваме е спонтана и непосредна?
  • Дали ни е потребен и важен погледот, допирот и насмевката?
  • Знаеме ли да манифестираме благодарност и љубов кон најблиските коишто се грижат за нас?
  • Што ни годи во комуникацијата со другите? А што не?
  • Дали размислуваме пред да кажеме пријатни или непријатни работи?
  • Колку сакаме да придонесеме за разбирањето со другите луѓе?


Наспроти мислењето дека секој од нас знае како да комуницира, вештината и уметноста на комуницирање се учат. Процесот на учење на правилна комуникација не е лесен и како и секоја друга вештина треба да се вежба. Успешниот процес на комуникација претпоставува добро развиени вештини на слушање, набљудување, вербално и невербално изразување.

Како и во колкава мера комуникацијата со другите луѓе влијае на квалитетот на нашиот живот и како да ја подобриме?

Во тек е формирање на група за психо-социјална поддршка, надградба и наобразба преку тематски работилници за возрасни (+ 18 години) луѓе со физичка попреченост, како и група на членовите на семејство на особа со попреченост, водени од принципите на позитивна психологија.

Бројот на местата во групите се ограничени и прилкучувањето ќе биде на принцип прв пријавен, прв регистриран. Затоа, доколку сте заинтересирани да станете член на една од групите, пријавете се на телефон 075 301223 и на 070 275910 кај водителите на групите:

Проф. д-р Драгана Батиќ,  едуцирана во областа на клиничка психологија, гешталт терапевт и проф. д-р Димитринка Јорданова Пешевска, едуцирана во областа на системска семејна психотерапија и терапија базирана на емоции.

Индивидуални психотерапии еден-на-еден може да закажувате на истите телефонски броеви.

Првите две работилници ќе се одржат на 22 септември. Првата, за луѓето со попреченост е од 16 ч. Втората, за членовите на семејствата почнува во 17:30 ч. Советувалишто се наоѓа на тивка локација во Тафталиџе 2, во приземен и пристапен стан во нова зграда, во близина на Реплек. Адреса: Ванчо Мицков, 7А/2.

И. П.

Објавен : септември 11, 2023