Септември за сениорите

Септември го обележа првото пандемиско (или инфодемиско?) корона полугодие. Гроздобер – месецот на есенската рамноденица до лани беше разнолик за секој на свој начин. Сега е воглавно колективен термин кој нè потсетува дека во изминатите шест месеци не помина ни еден единствен ден без да го слушнеме глобалниот и локалниот ковид-19 биланс. Волку заразени, толку починати. И некако ни стана прифатливо ако првата бројка е под 100, а втората – над 70. Да, постарите луѓе полесно ги прежалуваме оти општоприфатен е ставот дека светот би напредувал побрзо без товарот за нив. За тие заборавени парчиња драги камења, тие забаталени грумени злато, тие изморени души игнорирани од општеството…

Ова човештво треба да се срами од многу нешта, а една од најголемите срамоти е третирањето на постарите луѓе како нелуѓе. Тие немаат вредност за државата бидејќи тешко се учат на нови работи и начини на размислување. Самиот систем, имено, систематски ги подучува младите на непочитување на старите. И тој дисреспект е, за жал, толку длабоко навлезен дури и во менталната матрица на „угнетените“, така што често и самите знаат да кажат: Бидете вие добро, нашето време помина.

Не, велам, јас, сè додека постоиме, треба да бидеме сите еднакво добро. Особено тие со истрошени тела, збрчкани лица и седи коси зошто во нив е содржана суштината и мудроста на егзистирањето. И додавам дека односот кон постарите е единица мерка за нашата свест, човечност и совест. Култивирајќи ја грижата за нив стануваме благородни, мисловни и емотивни суштества. Плус, магично е чувството кога ќе ја прашам мојата 90-годишна баба за совет или одобрување на нешто што планирам да правам, па таа со жар во очите и трепет во гласот ќе аминува: „На прав пат си, сине!“

Ирена Поповска

ПС Во чест на нашите сограѓани сениори, пренесуваме извадок од новелата на Шарон Џ. Харисон „Собирање јаболки на сонце“ во превод на Марија Џонс.

„Неговите очи ги следеа движењата на Лора надолу по ходникот. Таа беше излегла од една странична соба и се поздравуваше со станарите на поминување. Слушајќи и разговарајќи, наведнувајќи се за да му посвети внимание на некој што е во количка и посегаше да ја погали главата на Лора, извикувајќи, „Госпоѓице, госпоѓице!“

Лора одговараше, се насмевнуваше, се исправаше и со раката го прегрнуваше неотпорното тело.

Неколку станари во колички по ходникот посегаа кон Лора, Џејкоб можеше да го насети тој копнеж по внимание. Во она доба на животот кога се друго отпаѓа, кога телото опаѓа, а умот се повлекува, што друго останува освен гладта по човечки допир? Одамна се изгубени телесните апетити, но не се заборавени мекиот допир и нежниот глас, во колпеката составена од мајчините раце. И Џејкоб исто така го разбираше овој копнеж, сега поостро од кога било.

Џејкоб гледаше како постарите кои беа сами живнуваа со Лора додека им зборуваше, препознавајќи ги нивните потреби: секој од нив реагираше како исушено растение на кое му олеснило кога неочекувано заврнал дожд. Гледајќи ја негата и грижата на Лора, низ нејзините зборови и гестови, во него се разбуди длабока емоција.

Сакаше да го прими нејзиниот допир, нејзината насмевка, нејзината утеха да го крене кога животот ќе изгледа како да се повлекува, тркалајчи се надолу по ридот. Посакуваше да је прибере поблизу, да ја негува и да ја крене кога неочекуваните пресврти на животот ќе го разнишаат и нејзиниот свет.

Ќе дојдеме ли до тоа? Се прашуваше.“

Објавен : септември 23, 2020