Септември за семирот

Септември е. Благ северен ветер полека ја носи есента. Интензитетот на вжарената сончева радијација спласнува и во воздухот веќе се чувствува носталгија за летната привидна лежерност. Градот е повторно полн, забрзан и нервозен. Деветиот месец во годината ги враќа учениците во клупите, а мене и многумина во рутината. Околу 22 септември се случува и северната еквиноција или есенската рамноденица – астролошка појава при која сонцето е позиционирано точно над екваторот, односно кога земјината оска е под прав агол во однос на вртежната рамнина, тогаш денот и ноќта се еднакви. Со овој премин нашата полутопка влегува во студеното зимско шестмесечие.

Летото кое издивнува за мене имаше непријатни констелации. Во топлите несони ноќи често седев во моето дворче и долго гледав во небесниот свод, чиј ѕвезди секоја вечер блеснуваа како новогодишни светилки на рефлексна фасада. Дишев длабоко и свесно се обидував да не мислам на ништо. Свесното „ништо.“ Но, природата го пронашла најфантастичниот начин за да е, за да постои, за да ја има, за да е егзистентна, ја пронашла свеста и ни ја дала нам. Зарем без нашата свест (не) може да постои ништо? Ако не постои ништо што ќе потврди дека нешто постои, тогаш не постои ништо.

Токму човекот, тоа најкревко суштество, тоа битие полно проблеми од антрополошка и онтолошка природа, тоа е оптоварено со знаењето, со моќта да се појми барем дел од она за што сме овде. Што се вика разбирање на големите закони на природата, на големата експлозија, на црните дупки, на квазарите, на пулсарите, на суперновите. Да го констатира постоењето на бескрајот, на Сириус и Андромеда или на сеедно која бубачка; од големите космички сензации до најмалото зрнце прав. Да ја констатира длабочината од сто милијарди светлосни години на нам познатата вселена, но исто така и да ги предочи непознатите семири. Е, тоа е страшно бреме.

Затоа, веќе не ги барам избезумено „вистинските“ координати, не трагам страотно по „прави(лни)те“ насоки, не талкам ужаснато по соодветните одговори, не брзам хектично да ја досегнам толку возвишената атемпоралност и не инсистирам панично да оставам траен потпис на песокот. Зашто, додека се стаписуваме од брановите што надоаѓаат, прашувајќи се кој е нашиот фатален бран, жално ја занемаруваме убавината на нашата лична, животна бижутерија, на спокојната тишина, на одмолченото разбирање, на дребулиите кои ни ја олеснуваат грижливо скриената мачнина. На таа итрица која знае секогаш да нѐ фати неподготвени, од заседа. Ја прифаќам минливоста, поетиката со краток здив, пишувам за моменти кои во себе немаат „есенцијално“ полнење, ама токму од кои се плетат нашите денови.

Бидејќи ужасно комплицирано е поимањето на животот, веројатно треба секој да си создаде свој, сопствен семир кој ќе се соединува со околината или околината ќе ја пронаоѓа во себе и ќе ја рефлектира низ себе; со елементите, амбиентот, ѕвездите, ветерот, водата, реката… И, ете, тука негде да го пронајдеме тоа алиби да функционираме меѓусебно. Да се живее наполно свесен за апсурдот што си жив, е единственото што може да нѐ оправда. Само свеста и внатре-неа содржаните добронамерни и блаконаклони кон другиот инстанци како љубовта, милоста, добронамерноста и отсутноста на суета дека без тебе нема ништо и дека си посебен.

Ирена Поповска

Објавен : септември 1, 2021