Пет години ПРКОС

Овие денови размислував каков текст да напишам за малиот јубилеј – пет години ПРКОС. Розов или реален? Субјективен или објективен? Да ви се фалам или да се жалам? Сепак, се решавам, сосема на кратко, во два-три пасуси, да ја прикажам стварноста. Видена од моја перспектива, секако.

Да ти се падне паричката да се занимаваш со најкомплексната проблематика во најчудната земја не е ниту најпродуктивната, ни најзабавната работа на светот. Ама можеби е најблагородната. И веројатно најблагодарната за заедницата на луѓето со попреченост и нивните блиски. И покрај „празните“ пандемиски денови и неколкуте неподржани предлог-проекти од некои донатори / институции, ПРКОС како мала граѓанска организација со скромни финансиски и човечки ресурси, за овој временски период реализираше низа активности. Иако сите ми се драги, како најзначајни со радост и гордост ќе ги издвојам нашите три изданија: прирачникот со бонтон совети „На лице и наопаку“, збирката од 30 автобиографски стории „Еден мој ден“ и книгата за деца „Цветната дружина“. Сите три се први од тој тип во Македонија.

Кога одлучив да го основам/е ПРКОС немав баш јасна слика како стојат нештата во овој сектор во смисла на законски регулативи, можности за разни соработки, начини на финансирање и работење итн. Но имав конкретна визија за мојата т.е. заедничката мисија: ширење на култура кон различностите преку инволвирање и сензибилизирање на целото граѓанство; преку пробивање нови, хумани патеки меѓу сличниот и различниот ученик, роднина, другар, сосед, колега или партнер; преку премостување на јазот меѓу двата света… Ама како? Со постепено менување на општата перцепција за луѓето со попреченост, секако.

Неодамна прочитав дека Американската асоцијација на психолозите сугерира дека зголемувањето на значајните и долгорочните (не на површните и формалните) контакти меѓу луѓето со и без попреченост може да резултира со похармонични меѓусебни чувства и однесувања. И оваа контактна хипотеза ја поткрепуваат со над 500 истражувачки студии со добар исход. Менувањето на мислењето на позитивно е забележано кога се случува индивидуална еден-на-еден интеракција, кога постојат општествени норми на взаемна почит и кога се одвиваат кооперативни активности па луѓе од двете групи соработуваат на еден проект со заедничка цел.

Намерно или случајно, можам со задоволство да кажам дека низ овие пет години, ПРКОС дејстува водејќи се токму од овие начела. И токму тоа го сметам за најголем успех на здружението, кој го потврдувам преку мои лични примери. Низ овие пет години се изгубија неколкумина кои ги сметав за прави другар(к)и. Запознавам некои поинакви луѓе. Измачени и изморени. Се спријателувам и соработувам всушност со извонредни особи.

Во таа смисла и во оваа прилика, сакам јавно да се заблагодарам на нашиот спонзор Алкалоид, кој препозна нешто вредно во ПРКОС па материјално и морално го поддржува од самиот почеток. Големо фала и за Андријана Мојсовска која го постави и го администрира овој електронски медиум, за Небојша Гелевски – Бане и неговото студио Кома кое ги дизајнира нашите книги и за Ивана Маркоска која прави слики по разни поводи.

Заедно работиме на еден голем проект со иста цел: го вртиме моралниот компас на ова општество кон хуманата страна.

Ирена Поповска

Објавен : јануари 30, 2023