Октомври за оклузијата

Октомври е тука. Сончев и светол. Десеттиот месец во годината според Грегоријанскиот (и осмиот од octo по Римскиот) календар ја бои природата во најубавите тонови на жолта, окер и црвена. А, некои од нас луѓето нè обвиткува во меланхолија, она сетно чувство на умерена и често одмолчена тага. Веројатно затоа листопад е честа тема во уметноста и поп-културата; и овде накусо ќе се осврнам на значајниот нејзин сајбер сегмент, виден од аспект на мојата попреченост.

Дигиталната глобална експанзија која коинцидираше со мојата лична трагедија, драстично ми го смени курсот на животот. Во недостиг на поддржувачка, анти-дискриминирачка општествена структура, не е тешко да се претпостави зошто осетливите и ранливите лица со попреченост преферираат да се „кријат“ од бариерите. За разлика од реалноста, каде сè е дизајнирано да ги задоволи потребите на мнозинството, виртуелноста нуди навидум повеќе можности за слободно себе-конструирање. Следствено, јас ретко излегувам од дома и долги години живеам буквално пред (или зад?) монитор. На компјутер пишувам, на компјутер читам, на компјутер комуницирам и се социјализирам, на комјутер гледам филмови, патувам и слушам концерти… Оваа демонско-ангелска машина е моја најверна другарка, мое кино, купе и кафè, практично – моето интерактивно сè.

Сепак, сајбер просторот е опасно лизгав терен. Живеејќи во доба на драматични промени на електронските карактеристики; битисувајќи во ера која ита негде со забрзан чекор; преживувајќи во опсегот меѓу полувистинитото и полувиртуелното; снаоѓајќи се во епоха на тектонски социо-културни изместувања, постоиме во состојба на бескрајно ремоделирање на себе си. Испитувајќи го своето јас во безброј облици; препознавајќи ја суштествено политичката улога на телото кое служи како обележувач на граници и одделувач на субјекти; искушувајќи ги границите на нашата (не)способност да бидеме бесконечно достапни и засегнати; маневрирајќи по тенката црта меѓу две крајности; одржувајќи рамнотежа меѓу меките рабови на нашата внатрешност и надворешност; растегнувајќи ги нашите вештачки меѓучовечки односи до апсурдност, ги колонизираме и апсорбираме изменувањата едни со други.

Водејќи го дезориентираното и неорганизирано јас низ телесните опсесии на конзумеризмот; кликајќи на констелации од текстови, слики и звуци; обраќајќи им се нашите фиктивни себства во некои дот-ком заедници; загледувајќи се во испливаните парченца неповрзани судбини, радости и страдања; пронаоѓајќи го својот пат низ електронскиот театар на операции; фаќајќи веднаш чекор со повеќекратни програми и апликации, доаѓаме до фаза која станува вознемирувачка – решаваме да им даваме човечки квалитети на предметите и се задоволуваме со тоа да се сфаќаме себе си како машини.

Овој амалгам или фузија или гушкање меѓу сајбер технологијата и човекот е секако последица на неговите повеќекратни неуспеси и патења. Иронијата на оваа силна прегратка е што во обидот да го оствари својот сон да воспостави целосна врска со своите алатки, тој веќе тешко може да ја повлече есенцијална органска – машинска демаркациона линија, што е застрашувачки. Сепак, кога ќе ги отстраниме сите технолошки слоеви од нас, ни останува само човечкото.

Ирена Поповска

Објавен : октомври 17, 2019