Октомври за оклопите

Октомври го отчука вториот ковид-19 семестар. Стресен, загадочен, неверојатен. Листопад ни донесе златести есенски нијанси, ама и вести за преку 45 милиони инфицирани и еден милион починати низ светот. Бројките се движат нагоре како некој од некаде да штелува расипан потенциометар, па наеднаш го врти да го испроба. Следствено, само по себе ви се наметнува прашањето дали е ова некаква добро смислена п(Л)андемија или природата навистина не` искушува? Во отсуство на разумни одговори, време е за живеење со и во оклоп, и буквално и метафорично.

Оклопот е предмет за заштита што воините го ставаат на своите тела за да се заштитат од ранување во битка. Во постаро време и помалку развиени општества, тој редовно се правел од кожа (германски, скитски, сарматски), а со развојот на металургијата започнал да се прави делумно или целосно од метал. Египќаните носеле кожен оклоп засилен со бронзени плочи на одредени места, Асирците носеле кожни нараквици покриени со бронзени лушпи и влошки за нозете и колената, а Персијците носеле кожени палта и панталони со железни лушпи и оклоп на коњите.

Во поновите периоди од грчката историја, оклопите биле целосно изработени од бронза. Се состоеле од траки и заштитници на нозете кои првично биле груби и едноставни, а подоцна во форма прилагодена на облините на човечкото тело. Римјаните ретко користеле ваков оклоп за битка; тој служел повеќе како церемонијална униформа на високи воени команданти. Тие редовно носеле кожна нараквица, засилена со метална плоча на местото на срцето и престилка прекриена со метални плочи. Користеле и градник со метални лушпи или со прстени поврзани во форма на ланец.

Во средниот век, оклопите со метални школки или прстени кои се присутни насекаде, главно до крстоносните војни (неколку примероци од 8, 9 и 10 век биле пронајдени во Русија). На крајот на 7 век се појавува нов вид оклоп во Европа, донесен од Исток: кошула ткаена од железна жица која добро се лепи на телото. Постепено се издолжувал, така што на крајот го покрива целото тело, вклучително и рацете и нозете. За подобра заштита, металната плетенка на рамената, градите и стомакот е двојно зголемена или покриена со метални плочи. Големите феудалци често ги позлатувале оклопните кошули, а меѓу витезите тие често биле сликани во различни бои.
Веќе во 13 век и повеќе во 14 век, одделните делови на оклопот биле изработени од железни плочи (заштитници за нога, рака, рамо, врат). На почетокот на 15 век за прв пат се појавил железен оклоп. Таквиот оклоп, составен од метални плочи, прицврстен со навртки на кожната основа, ги покривал целиот врат, градите и грбот, како и екстремитетите. Од почетокот на 16 век градите биле заштитувани од единствено парче метална плочка во форма на градите, кое било поврзано со заден штитник.

Оклопот оттогаш не се смени значително. Поголемо внимание е посветено на техничката изведба на оклопот и неговата декорација, што се изведува со позлата, втиснување, гравура, влошки итн. Од 15 век значењето на оклопот постепено се намалува. Дури и тогаш, во некои битки, градските милиции се покажаа супериорни во конфликтот со силно оклопната коњаница. Бидејќи во текот на 16 век се усовршува пиштолот, оклопот повеќе не може да издржи оти куршумот го прободува. Покрај тоа, релативно неподвижниот оклоп (полн оклоп, вклучително и шлемот, тежок од 60 до 90 кг) го изгуби значењето во новата борбена тактика и во масовната употреба на пешадијата.

Иронично, пет века подоцна, оклопот е пак модерен – актуелен и неопходен. Ама бидејќи овојпат непријателот е невидлив, оклопот (треба да) има облик на свесност и грижливост, трпеливост и разумност, храброст и издржливост, критичност и гласност. Овие атрибути се чини сега за сега ни се единствената одбрана од непознатото, од неразложното, од неоткриеното, од неизвесното… Затоа, да смогнеме сите сила и да си исткаеме и да се завиткаме со вакви оклопи за да ја презимиме оваа тешка и долга сезона пред нас.

Ирена Поповска

Објавен : ноември 2, 2020