Октомври за одговорноста

Октомври, десеттиот месец во годината, нѐ воведува длабоко во есента. Ни донесе ред дождливи, ред сончеви, ред изборни денови. Мене лично ми испорача и исклучително стресен и исцрпувачки период. Овој листопад се бранев и се справував од/со големи количини на неодговорност. Не дека претходно не сум се вџашувала од немањето обрска за совесно, квалитетно и навремено извршување на примената работна задача со прифаќање да се одговара за неуспехот во тоа; но, овојпат една особа до толку ги помина моите видици на човечката одговорност, што во текстов ќе се позанимавам со тој феномен.

Нашево македонско општество боледува од многу модерни и хронични болести: консумеризам, насилство, претеран хедонизам, духовна и материјална немаштија, корупција, разни зависности… Меѓу нив посебно место зазема недостатокот на одговорност. Денес е имено сѐ потешко одговорноста да се лоцира, дефинира и персонализира. Иако е еден од темелните историски и етички поими, таа станува содржински и суштински сѐ понејасна за разбирање и применување.

Веќе долго време живееме во некакви зони на несигурност, расцепканост, индиферентност, лицемерност, површност… Всушност, во кризи од секаков вид. Сведоци сме на заштрашувачки глобални климатски промени и најави за алармантен недостиг на природни енергенси. Во криза се политиката, културата и стопанството. Во криза се мирот и мирољубивите решенија меѓу државите и поединците. Во криза се институциите и образовните модели, идеологијата и моралот, основните човечки вредности и бројните животни правила. Во криза се елементарните хумани интеракции, децениски другарства, роднински врски, долгогодишни соработки.

Верувам секој од вас повремено (ако не често) се замислува: како дојдовме до волку многу вознемирувачки состојби? Дали некои важни инстанци се до толку нес(о)весни за своите постапки, што на штета на мнозинството упорно ги продлабочуваат? Зошто добога живееме во вакви оскудици и недоумици? Па, прашувам гласно: кој е сѐ одговорен за овие ќесати?

Зборот одговорност потекнува од глаголот говори т.е. одговара, што ќе рече дека одговорната особа треба да одговори на некое прашање. Етимологијата поточно доаѓа од латинскиот термин accomtare, на англиски accountability, што треба да се разбере како давање сметка за своите постапки на одреден поединец, на група или на цела општествена заедница. Коренот на зборот е сличен во сите јазици и истата ментална слика важи за сите култури и цивилизации.Значи, одговорноста е состојба за која постои одговор т.е. во која се води сметка зашто е нешто направено.

Одговорноста е имено правна и етичка категорија, која ја рефлектира моралната и правната релација на една индивидуа кон човештвото. Последично, таа подразбира свесен однос на секој поединец кон општествените стандарди без кои ниедна организирана човекова структура не би постоела. Ова следствено значи дека ако нема претходно поставени правила на однесување, тогаш нема ни одговорност. Макар што таа може да биде социјална, семејна, политичка, морална, правна, историска, законска, лична и колективна, сепак сите овие видови на одговорност често се преплетуваат и се преклопуваат.

Поимот одговорност е тесно поврзан со должноста и со слободата. Во современиот етички контекст, одговорноста го зазема местото на должноста.Уште Аристотел знаел дека за своите постапки е одговорен некој што ги направил слободно. За да се разбере подобро врската слобода – одговорност, треба прво и основно да се земе во предвид однесувањето на одредена особа. Ако таа не ги крши општо прифатените норми, тогаш овие две категории се во хармонија. Складноста меѓу индивидуалните права и слободи, како и одговорноста пред законот се впрочем и основите на правната држава. Рамката на денешната административна, кривична и граѓанска одговорност е токму придобивка на еволуцијата на човечката цивилизација.

Ама може ли да се одреди норма за слободата? До кој степен однесувањето и дејствувањето на човекот можат да бидат слободни? Правото (како мерка) на слободата и личната одговорност се едни од најзначајните прашања во историјата на филозофијата. Разни филозофски правци и мислители дале свој придонес во нивното разјаснување. Темата е особено релевантна и актуелна и во нашево време. Контадикторната стварност нуди можност за избор меѓу разни модели на однесување. Па така, правото на слобода денес се третира како шанса секој да ја реализира било која посакувана акција во домен на актуелните прописи, притоа почитувајќи ги правата и слободите на другите.

Ирена Поповска

Објавен : октомври 25, 2021