Ноември за ноевите

Ноември обележа една година живеачка и умирачка со/од ковид-19 на планетава Земја. Лани ова време во кинескиот Вухан се појави првиот заразен човек од оваа мистериозна болест. Оттогаш наваму нештата драматично и молскавично се менуваат. Советите како „прилагоди се за да преживееш“ или „адаптацијата е новата еволуција“ тешко го наоѓаат патот до разумот, па така ние Земјаните си преживуваме истрошени, исцрпени, исплашени. Или како ноеви во песок. Оваа популарна изрека обично се однесува на луѓе кои сакаат да се тргнат од решавање на проблемот или кои преферираат да го игнорираат со надеж дека некако ќе се реши самиот од себе без нивно делување.

Нојот (лат. Struthio camelus) е вид на птица од редот ноеви, и е воедно и најголемата и најбрзата што постои на земјата. Има карактеристична појава, топчест труп, долг врат и силни нозе со кои трча до 75 км/ч. Пердувите се користат за правење на бришач за прашина, кожата за изработка на модни парчиња, а месото – за јадење. Оваа безлетна, мирољубива птица, човекот ја има до толку експлоатирано т.е. истребено што денес природно успева да си најде погодно живеалиште само во подсахарска Африка и тоа во мали номадски групи, а фарми за одгледување ноеви има баш низ целиот свет.

Има едно општо прифатено, дамнешно верување дека ноевите кога се во опасност и се исплашени ги забиваат главите во песок, така што нормално не им се гледаат. Ако се потсетите, оваа слика често ја имаме гледано и во цртаните филмови, што допринело таа без размислување да се прифати здраво за готово. Ама дали и зошто е тоа така?

Претпоставката дека нојот од страв се обидува да ја скрие главата во песок, првпат ја има пласирано римскиот филозоф Плиние постариот. Овој мислител детално и самоуверено пишува дека кога птицата е пред некаква закана со криењето се обидува да добие во време и да стекне самодоверба и смиреност додека не помине предаторот. Но, ова не го поткрепил со научни докази т.е. факти и ете така се создаваат митови стари и по 2.000 години.

Разбирањето зошто нојот ја крие главата во песок, можете само да се разјасни со едноставните и реални ситуации: птицата едноставно се наведнува на земјата во потрага по инсекти, билки и семки за прехрана или за да го изеде песокот, не за да ја скрие главата во неа. Голта песок и чакал, така што тврдата храна во смесата се распаѓа до саканата конзистентност.

Друга причина е што мажјаците копаат дупки длабоки и до два метра за да направат гнездо за младите. Познато е исто така дека женките кога се во опасност, при инкубација на јајца ги наклонуваат главите кон земјата. Тие го прават тоа со цел да станат што е можно понезабележителни за непријателот и да се вклопат во околината. Нојот спие на ист начин, односно главата му е потпрена на песок. Сепак, дури и ако тивко ѝ пријдете на легната птица, таа веднаш ќе скокне и ќе побегне. Сепак, овој пердувест џин знае во краен случај и да нападне во самоодбрана.

Не треба да си орнитолог за да сфатиш дека фразата „ној во песок“ е оптичка илузија, ниту офталмолог за да ти е јасна вистината „човештво во кал“.

Ирена Поповска

Објавен : ноември 25, 2020