Март за маските

Март – третиот месец во годината ни донесе пролет, која како речиси никој да не ја забележува. Цутен ни испорача и Covid-19 – нова заразна болест која молскавично се шири низ планетата испишувајќи апокалиптични рапорти. Светот кој го знаевме од пред 2-3 недели се менува драматично секој час. Време е за страв – здравствен, паричен и ментален. Всушност, секаков. И секој е оправдан. Време е и на лажни вести и теории на заговор, секако. Но, факт е и дека четвртина од човештвото е изолирано и избезумено, и дека ги живее(ме) најтешките денови од Втората светска војна наваму. И можеби крајно време е да сфатиме дека овојпат сите сме на истиот насукан брод – и богати и сиромашни, и државници и благородници и работници – кој итно треба да го смени курсот на движење и фокусот на делување.

Велат дека во кризни состојби луѓето си го покажуваат правото лице, вистинските бои и дека маските лесно и брзо паѓаат. Од кога егзистира светот, постојат и маските. Тие се исклучително интересен антрополошки феномен создаден главно да го штити нашето его, нашиот статус или нашето здравје во непознати и нови ситуации. Употребата на маските е древна човечка пракса низ целиот глобус. Ритуални, театарски, украсни, заштитни, религиски, воени, хируршки, кислородни, спортски, нуркачки, модни, козметички. Маските во разни форми имаат одиграно суштинска и историска улога во разбирање на поимањето „што значи да се биде човек“, затоа што го дозволуваат имагинативното искуство „како изгледа“ да се трансформира идентитетот во друг; или да се потенцира постоечкото општествено и духовно себство.

Етимологијата на зборот е повеќејазична кованица: „masque“ на француски значи покривање да се скрие или заштити лицето, што е изведен од италијанскиот „maschera“ – дух, фантом, кошмар; а веројатно потекнува од арапскиот глагол „maskharah“ – се исмева. Во буквална смисла на зборот, маската е објект што се става на лицето на субјектот за негова заштита, преправање, изведби или забава. Маските се користеле уште во антиката за практични и церемонијални цели, како и за изведувачки уметности. Замислете, најстарата пронајдена маска била направена од камен во пре-керамичкиот неолит т.е. околу 7.000 години пред нашата ера. Но, се претпоставува дека маскирањето е многу постаро (цирка 3.000 века!).

Филозофот Славој Жижек вели дека најголемата закана од Covid-19 не е регресијата кон насилството на опстанокот, туку варваризмот со човечко лице. Ха, совршено актуелен пример на маскарада! Враќање на анималното и брутално преживување е имено на светската сцена. Да се заштитат возрасните и немоќните – етичкиот императив на човештвото како да престанува да важи. Се чини дека по којзнае кој пат стапува на снага Законот за опстојба на најсилните, и физички, па и финансиски. Ама, додека секој гледа да се спаси себе, не сака да види дека можеби и има надеж дека ќе нè зарази нов вирус на солидарност, грижливост и одговорност.

Ирена Поповска
Објавен : март 30, 2020