Март за мајките

Март – третиот месец во годината според грегоријанскиот календар на големо го најави доаѓањето на најпријатното годишно време. Цутен почна со многу сонце толку својствено за пролетта. Сезона со умерени температури, која е всушност премин од екстремните зима кон лето. Првите мартовски денови се долги околу 12 часа со растечка тенденција и настануваат негде пред еквиноцијата. Едногодишните растенија цветаат на пролет. Таа, метеоролошки, дефинирана како некаков климатски посредник, може да започне на различни датуми во различни региони. Сепак, на нашата северна полутопка, пролетта обично пристигнува ноќта меѓу 20 и 21 март. Тогаш, имено, се случува и пролетната рамноденица – појава при која денот и ноќта се со еднаква должина т.е. мигот кога Сонцето е точно над Екваторот.

Март во Стариот Рим се сметал за благопријатен месец за воени дејства. Па, оттаму и етимологијата на зборот; Марс или Martius (на латински) е името на римскиот бог на војната. Бидејќи повеќе од цела година сме во исклучително опасна војна со невидливиот предизвикувач на ковид-19, овој март го посветувам на најхрабрите нејзини воинки – жените кои се грижат за своите деца. Или поточно на мајките. Поради тоа што самиот поим „мајка“ е еден од најкомплексните и најсложените во историјата и природата на човештвото (од биолошки, социо-психолошки, културолошки и каков сѐ не аспект), тешко е да се даде една општа дефиниција. Затоа, ќе си дозволам малку објективна субјективност на оваа бесконечна тема.

Мајка (ми) е константа; како извор, како изгрејсонце, како месечина и ѕвезди на хоризонтот. Понекогаш во себе го наоѓам одразот, доказот на нејзината сила. Ама, само понекогаш. Често пати, ми се чини толку недостижна сета таа мајчина храброст и прилагодливост и трпеливост и оптимистичност и посветеност и… всушност секоја убава страна на човечката душа. Ако некако би се обидела да доловам како го чувствувам мајчинството врз себе, без патетика би рекла дека тоа е најчистата и најинтензивната форма на љубов која не треба да се заслужи. Кога би пробала да го опишам, тоа е нешто како моќен ветер во грбот кој те крева на висок планински масив од кој најјасно се гледа виножитото над светот. Доблести кои не можам ни да замислам да го поседувам.

За едни мненија, да се биде мајка е повеќе став или однос, а помалку биолошка улога и категорија. Според други мислења, фасцинантната инстинктивност и интуитивност на мајката потекнува токму од таа телесна поврзаност со чедото, која се надградува со текот на времето. Веројатно затоа што нема ништо порезонантно во човечката природа со полнежот отколку протокот на енергија помеѓу две биолошки слични тела, од кои едното лежи во амнионско блаженство во другото, од кои едниот се труди да го роди другиот. Материјалите се впрочем тука како практичен и конкретен доказ за најдлабоката взаемност, но и најболното отуѓување.

Без разлика дали ви се поблиски првите или вторите стојалишта, ајде да го наречеме ова тешко време – Ера на мајката. На таа создателка, покровителка, негувателка, критикувачка, господарка, набавувачка, креативка, фризерка, интелектуалка, селанка, граѓанка, учителка, чистачка, готвачка, кавгаџика, другарка, служавка, миротворка, борка, робинка, мотиваторка, водилка. На таа мајка. Бидејќи од неа почнува и завршува сѐ.

Ирена Поповска

Објавен : март 7, 2021