Мај за маратонците

Мај веќе наголемо се распосла со сите свои раскошни бои и цветни ароми по градот. Петтиот месец во годината и според Јулијанскиот и Грегоријанскиот календар, всушност, ја бележи  пролетта на целата северна хемисфера. Има повеќе приказни за потеклото на самиот збор. Една од најпопуларните е дека името го добил по Маја (лат. Maia) – римската божица на плодноста. Маја била ќерка на богот на природата Фаун и жена на огнениот Вулкан, па затоа Римјаните ја славеле со посебни церемони. Подоцна, тие ја поистоветиле со грчката, црноока Маја (грч. Μαῖα) – најубавата и најсрамежливата ќерка на титанот Атлант и на океанидата Плејона. Маја е уште позната и како мајка на Хермес, гласникот на создателите и најмладиот од дванаесетте олимписки богови.

Викендот што измина пулсираше во духот и ритамот на 15-от скопски маратон.  Тие што се натпреваруваа во главната дисциплина истрчаа 42,195 километри. Толкаво е отприлика растојанието помеѓу малото гратче Маратон (грч. Μαραθών) и големата Атина. Во 490 година пред нашата ера, таму некаде се водела славната маратонска битка. Кога Атињаните извојувале победа над многупати побројната персиска војска, атинскиот војник со име Филипид трчал од Маратон до Атина за да им ја соопшти веста на своите сонародници. Тој стигнал на целта, воскликнал „Радувајте се, победивме!“, и издивнал. Солдатот трчал без да застане повеќе од четириесет километри.

Овој мит го инспирирал Пјер де Кубертен на првите современи Олимписки игри во 1896 да се воведе нова дисциплина во која атлетичарите ќе се такмичат во трчање на патека долга колку растојанието меѓу Атина и Маратон. Во чест на легендата за Филипид, дисциплината е наречена „маратон“. Но, маратон одамна не е единствено топоним, ниту е само име на атлетска дисциплина. Туку најмногу е метафора на триумфот на издржливоста и истрајноста над малодушноста и немоќта. Всушност, маратонот е совршено добра симулација на самото постоење: немилосрдна и непредвидлива трка, која може да те скрши со неподнослива леснотија.

Многумина од маратонците кои пред некој ден трчаа по скопските улици се мотивираат себе си од сопствените животни приказни, од добиените борби со неизлечиви болести или тешки состојби, како лични, така и на свои блиски роднини и пријатели. Учесниците на маратоните најчесто свесно и подготвено излегуваат од зоната на комфорот и се фаќаат во костец со болката и непријатностите. Но, маратонското мото е: продолжи. Не запирај, не побудалувај, не и` дозволувај на маката да те совлада. Осознај и мантрај го твоето зошто? Можеби затоа што маратонот ја менува не само физичката локација, туку и менталната позиција. Или како што вели Харуки Мураками: „При трчањето маратон, единствениот противник кој треба да го победиш си самиот ти, онаков каков што некогаш си бил.“

Ирена Поповска

Објавен : мај 8, 2019