Мај за мантрите

Мај – најубавиот пролетен месец измина во знакот на нашиот нов Covid-19 компањон. Тој имено почна да го диктира текот на животот, додека ние статираме. Со секој нов ден, станува сè појасно колку сеприсутниот вирус ја нагризува најважната особина на човекот – вербата во поубава иднина, надежта дека ќе биде подобро. На што тогаш да се надеваме? Само на тоа дека нема долго да чекаме на вакцина против коронавирусот. Или дека ќе се случи чудо и вирусот ќе исчезне сам од себе. Само што овој вирус е многу чуден. Тој ни ја одзема силата дури и да си замислиме поубава иднина. Затоа што го блокира она од кое досега црпевме сила. Порано се сплотувавме пред стравот и загрозеноста. Ја баравме близината на другиот човек. Во неволјата ни треба топлата прегратка што утешува. Раката на пријателот која нè крепи кога снеможуваме. Сето тоа денес е невозможно и не знаеме колку долго ќе биде така. А тоа буди во нас исконски, одамна заборавен страв. Застана како невидлива ограда. Стравувајќи од инфекција, стануваме сè подалечни.

Првата жртва на вирусот е нашата увереност дека сè мора да се одвива така како што сака човекот. Затоа што досега бевме уверени дека тој е круната на творението. Затоа што тој е мерата на сите нешта. Затоа што за него нема ништо и никој, кому треба да му благодари. За секој нов ден, за секоја нова пролет. Уверени бевме дека, до крајот на светот, секој ден ќе се одвива обично и до здодевност секогаш исто. Затоа што ние, луѓето така сакаме. Не помислувавме дека токму таа увреност еден ден ќе мора да ја принесеме како жртва. Ограничувајќи се самите себеси – ако не од разум и самокритичност, тогаш од страв по сопствениот живот. Затоа што сме присилени, за сопствената заштита, да се затвориме во својот најличен свет – домот. Најскапоценото нешто за сите кои немаат повеќе дом. А многумина од нас затвореноста во домот денес ја чувствуваат како затвор затоа што мислат дека некој друг ги присилува на тоа.

Мантрањето е еден од убавите начини за справување со себе, за успокојување на сопствениот немир, за стишување на внатрешниот оган. Мантра (автентично на санскритски се пишува вака मन्त्र, во романтизирана форма е mantra и значи „алатка на умот“) е свето изговарање / тврдење / рецитирање / пеење, нумински звук, слог, слоган, збор, фонеми или група на зборови кажани обично на санскритски, за кои практичарите веруваат дека имаат психолошки и / или духовни моќи. Некои мантри имаат синтаксичка структура и буквално значење, додека други не. Едни луѓе ги шепотат, други ги кажуваат гласно додека со прстите милуваат некој жичан инструмент, трети ги редат во себе вежбајќи асани.

Најраните мантри биле составени во ведскиот санскрит во Индија и стари најмалку 3.000 години. Мантрите сега постојат во разни училишта на хиндуизмот, будизмот, јаинизмот и сикизмот. Во јапонската шингонска традиција, самиот збор шингон значи мантра. Слични химни, антифони, песни, композиции и концепти се наоѓаат во зороастризмот, таоизмот, христијанството, јогата и во низа други верувања и вежбања.

Употребата, структурата, функцијата, важноста и видовите мантри се разликуваат според училиштето и филозофијата на хиндуизмот и будизмот. Мантрата служи и има централна улога во школата тантра. Во ова училиште, мантрите се сметаат за света формула и длабоко личен ритуал, ефективни само по иницирање. Во другите училишта на хиндуизам, будизам, јаинизам или сикизам, иницијацијата не е услов.

Мантрите доаѓаат во многу форми, вклучувајќи ги на пример стиховите од „Ригведа“ и „Суман“ (музички песни од Самаведа). Тие обично се мелодични, математички структуирани броила, за кои се верува дека се резонантни и со бројни квалитети. Во наједноставна смисла, зборот ॐ (Аум, Ом) служи како мантра. Во пософистицирани форми, мантрите се мелодични фрази со духовни толкувања, како што се човечкиот копнеж кон вистината, реалноста, светлината, бесмртноста, мирот, љубовта, знаењето и дејствувањето. Некои мантри и без буквално значење се сметаат за музички возвишени и духовно значајни.

И невронаучниците потврдуваат дека мантрањето е корисно за смирување, концентрирање, фокусирање… Па, пронајдете ја вашата права мантра и помогнете си кога ви е тешко!

Ирена Поповска

Објавен : август 6, 2020