Јуни за јуниорите

Јуни, првиот летен месец ми започна во знакот на јуниорите. Привршувам со пишување на првата инклузивна, едукативна и интерактивна книга за деца. Веќе некое време во себе работев на неа. И некако чувствував дека имам обврска, дека едноставно треба на децата да им објаснам некои основни нешта за попреченоста. Најсилен мотив да се зафатам со овој сериозен предизвик се всушност сите детски очи вперени во мене и мојата количка при секое разминување на улица или среќавање во продавница. Некои долго го задржуваат погледот, други срамежливо го тргаат, трети љубопитно прашуваат „Зошто оваа голема дадичка е во количка?“

Родителите обично грубо ќе ги повлечат и ќе им подвикнат „Гледај пред тебе!“ бидејќи и самите не го знаат одговорот за себе, а уште помалку знаат да им одговорат на своите деца. Тоа незнаење предизвикува многу непријатности кај двете страни. Природно и разбирливо, сѐ што е непознато и различно предизвикува страв, срам и стрес. И, секако, кога луѓето ќе се сретнат со некој поинаков од нив, обично претпоставуваат нешта кои не се точни.

Затоа, треба да се запознаваме и низ објаснување да учиме едни за други. Сметам дека овие радости на споделувањето се есенцијални – вредни и потребни. Дека сите деца се формираат како целини под влијание на многу надворешни фактори, иако се обдарени со вродена интелигенција, со достоинственост и чудесност достојни за почит. Олицетворение на животот, слободата и среќата, децата се уникатни благослови. И тука се за да ја научат својата „песна“. Секое девојче и момче има право да сака, да знае, да сонува и да припаѓа на некое удобно парче земја. И силно да се стреми кон тоа.

А ние возрасните треба да ја потврдуваме нашата должност да ги храниме и негуваме детските желби, да ги почитуваме нивните стремежи и копнежи како на кревки човечки суштества. Да ги препознаваме раните години како основа на животот и да го негуваме придонесот на децата во човечката еволуција. Да се обврзуваме и ветуваме дека нема да им наштетиме или да ги занемариме овие наши најранливи сограѓани. Како чувари на нивниот просперитет, ние мора да им го објасниме изобилството на разновидности на нашата планета, кое впрочем и нè одржува. Така ја запечатуваме нашата љубов за генерациите што доаѓаат.

Од овие причини, во мојата книга за слични и различни, го подучувам научникот во детето да ги набљудува и истражува феномените на различностите. Ги ставам пред него за да ја разбудам неговата љубопитност. Но, за таа да расте, не брзам премногу да ја задоволам. Ги оставам проблемите пред него тој сам да ги „реши“. Не наметнувам решенија, туку поттикнувам откритија. Бидејќи ако некогаш го замените авторитетот со разум, тој ќе престане да размислува и ќе биде само игра во мислите на другите луѓе.

Затоа и не барам од децата тежнеење кон некои си совршени животи. Таквото тежиште може изгледа за восхит, но тоа е имено патот на глупоста. Им помагам да го најдат чудото на обичниот, секојдневниот, (па ако сакате и мачниот) живот. Им ја покажувам радоста од дегустацијата на инаквите слатко-горчливи, лични стории. И на бесконечното задоволство на допирот на другиот. Притоа, искрено верувам дека низ мојата цветна, илустрирана приказна подобро ќе разберат и воочат дека всушност сите се разликуваме по нешто. Само така ќе откриеме дека имаме и многу заеднички нешта. И дека тие с(п)ознанија ќе делуваат охрабрувачки и мотивирачки конечно да се вртиме едни кон други, наместо едни од други.

Ирена Поповска

Објавен : јуни 2, 2021