Јуни за јунаците

Јуни некако колебливо и срамежливо го најавува доаѓањето на летото. Во моето дворче веќе се е расцутено и разеленето. И петуниите и фотиниите се лелеаваат на благиот ветер и чудесно шушкаат. Шестиот месец во годината знае да биде убав. И метеоролошки, па и суштински. Времето е се уште пријатно топло. Школото завршува и летна ферија почнува. Деновите се долги и светли. Всушност, околу 21 јуни се случува и естивалната солстиција или летната долгоденица – појава при која сонцето ја достигнува највисоката позиција на небото и, следствено, денот е најдолг. Заправо, кога аксијалниот наклон на земјата кон сонцето е најголем, тогаш астролошки доаѓа летото и различните култури го слават со свои ритуали и фестивали.

Латинското име на јуни е junius. Едната теза е дека етимологијата е од зборот iuniores, што значи млади. Другото објаснување вели дека името на јуни потекнува од Јунона (Iuno), римската врховна божица на небото. Почитувана е и како заштитничка на жените, божица на бракот и плодноста. Според верувањата на Римјаните, како што секој маж има свој „гениј“, чувар на личниот дух , така и секоја жена имала своја „јунона“. Оттаму се смета дека ликот на Јунона настал со постепено глорифицирање на бројните гении на жените (јунони), односно со нивното соединување во една божествена личност. Така постепено станала покровителка на Рим, заштитничка на римските држави и пандан на „генијот на римскиот народ“. Римјаните исто така верувале дека Јунона, како божица на приновата, донесува деца на светлината на денот, потенцијални богови или јунаци.

Но, концептот за јунаштвото се менува низ вековите. Древната апотеоза или култот кон херојот е отфрлена од христијанството и тој е заменет со маченик. Средновековието го прифаќа јунакот како храбар воин и витез со развиено чувство за чест, кој ги штити сиромашните. Во модерната ера на рационализмот, хероизмот има донкихотска форма. Спротивно, во романтизмот јунакот оживува во духот на генијални поединци. Ничеовиот херој-надчовек станува единствен судија на своите дела. Граѓанската идеологија и демократските практики ја демистифицираат историската и водечката улога на херојот. Материјалистичките концепти ги гледаат покренувачите во социјалните, политички и економски причини, а не во конкретната активност на херојот. Разврска нуди современиот егзистенцијализам, каде главниот јунак потекнува од секојдневниот живот или се создава од неговиот апсурд.

Токму во чест на овие денешни јунаци од нашето маало, град или држава, од овој јуни почнуваме со објавување серија текстови насловени „Еден мој ден“, напишани лично од нивното перо на маките, смеите, солзите, копнежите, стремежите, надежите, соништата, падовите, искачувањата… Луѓето со попреченост и нивните семејства секој миг од деноноќиете војуваат и добиваат битки. Нивните бојни полиња се домовите, институциите, општествените бариери. Животите на овие Сизифи и Титани испишуваат епови со митски размери. Нивните фасцинантни стории треба да бидат прибележани. Но, и публикувани и прочитани. И запамтени како сведоштва на едни поинакви начини на битисување. Затоа, јунаци мои драги, посегнете по тастатурите и споделете го со јавноста вашето парче историја!

Ирена Поповска

Објавен : јуни 4, 2019