Јуни и јули за јуниорите

Колку за илустрација во која погубна ситуација се наоѓаме како земја: во Македонија се згрижени околу 37.000 деца во градинките, што е 32% од вкупниот број на деца (неофицијално 20.000 деца се на листа на чекање, останатите каде се – не знаеме). Просекот во Европа е 90% згриженост. Како земја кандидат за членство во ЕУ, сме се обврзале во наредниот четиригодишен мандат да го зголемиме опфатот на згрижување до 50%.

Е сега, имајќи ги во предвид новите протоколи кои велат дека воспитна група треба да згрижува најмногу 15 деца, а сите знаеме дека во државните градинки групите бројат 30+ (што е повеќедецениско противзаконско работење), а дополнително на тоа и водењето во амбис на приватните градинки, бројот на згрижени деца ќе падне под 32%. Да речеме дека капацитетите на државните ќе се намалат еве не за 50% туку за 30%, тоа се 11.000 деца, минус 2.000 во приватните… Е па драги наши, математиката е погубна. Ниту една земја во Европа не успеала да го постигне високиот процент на згрижување на деца без приватниот сектор. Во сите земји во Европа приватните градинки се субвенционирани по разни модели од страна на државата, што не ги прави луксуз за родителите, напротив (да, родители, државите плаќаат дел од месечниот надомест!).

Е сега, да бидеме реални, државните градинки не можат да ги спроведат протоколите со сегашната бројка на деца, институциите не знаат од каде да тргнат во решавање на проблемот, невозможно е да се направи селекција за тоа кое дете ќе доаѓа, кое не, имајќи во предвид дека сите родители плаќаат дел од месечниот надоместок. Летото беше одличен термин да се почне (и сѐ уште е!), секако бројот на згрижени деца се намалува, децата можат да ротираат согласно одморите на родителите. Приватните градинки од ПОЛЕТ понудија да бидат први што ќе го ‘тестираат’ спроведувањето на протоколите, заедно со стручна комисија која ќе работи на нивно подобрување и дополнување. Но, ништо од ова не се случи. Неизвесно е и отворањето и во септември, затоа што не се пристапи кон решавање на проблемот, туку кон одложување.

Кој најмногу изгуби и допрва ќе губи? ДЕЦАТА! Нашите деца се пет месеци уназадени во развојот од своите врсници низ целиот свет. Да, во целиот свет градинките беа првата дејност што е вратена во употреба, а некаде не се ни затворија. Во многу земји, приватните беа први пуштени во употреба (да, не е нешто страшно и невозможно!). Психолозите уште на почетокот предупредуваа за непоправливата штета што се нанесува и допрва ќе се нанесе. Генерации деца се непоправливо уништени. Но, овде како велат, рано е за отворање на градинките, децата се најголеми преносители… што е тотална бесмислица. Никој не го сфати сериозно овој проблем за важноста на развојот на децата од предучилишна возраст, а последиците допрва ќе се чувствуваат. Три месеци поединци од приватниот сектор се борат со сета сила секому да докажат дека ова е најбитното прашање во моментот, но очигледно е дека никој за тоа не се грижи.

Политичари и функционери незаинтересирани со празни ветувања, родители летаргични без концепција за здружено делување иако сите се во тотален хаос (секоја чест на поединци и иницијативи во зародиш), интернационални и национални институции за правата и здравјето на децата, не се одважија ни да одговорат на нашите мејлови. Ќе беше многу пофер институциите да ја признаат сложената ситуација и да почнат чекор по чекор да ја решаваат, досега ќе имаше некаков ефект. Но, сѐ останато беше во преден план, изборите, гласовите…

Приватните градинки ќе згаснат ако набрзо не се пуштат во функција или ако државата не сфати од кое значење се и не реагира многу брзо. Многумина ќе ликуваат, многумина ќе си ја остварат целта, но едно е јасно, загубата е за сите подеднаква. Приватните градинки не се бизнисчиња за брза пара, доминантната перцепција за овие установи е погрешна. Работат по сите стандарди, дури ни протоколите не се новитет. Се надеваме дека сега на сите ќе ви стане малку појасно, како некои со децении си поигруваа со здравјето на децата, буквално ги „бутаа“ по 40 во група и сега нѐ доведоа до оваа ситуациија. А, родителите што викаат – што ќе ти е приватна градинка, филмови за богаташи прават, нека ги праќаат децата во групи со 30, 40+. Ама ни тоа сега нема да биде така, бидејќи оваа пандемија ни го смени животот неповратно.

И знајте, сите оние што молчат, сите оние што се плашат, сите оние што мислат дека некој ќе ја заврши работата за нив, директно им наштетуваат на (сопствените) децата.

Асоцијација на приватни установи за деца ПОЛЕТ

Објавен : август 31, 2020