Јануари за јубилејот

Јануари го означи стартот на третата декада од вториот милениум. Најстудениот коложег ја скицира и планира Новата 2020. Првиот месец во годината името го добил од грчкиот збор Ιανουάριος и латинскиот Iānuārius. Наречен е по римскиот бог Јанус, богот на сите почетоци, премини, куќни порти, сонцето и светлината. Етимологијата на јануари води потекло од римската митологија, од каде што потекнува и латински збор за порта Ianua. Јануари се сметал за порта кон остатокот од годината. Иако во текот на историјата, месецот првенец неколку пати си го променил своето официјално име (месец на студот, на волкот, на дабот), сепак јануари останал поврзан со почеток на нешто ново.

Намерно или случајно, токму во јануари званично ја започнавме нашата пркосна приказна. ПРКОС е формално основан на 30.1.2018 од Ирена, Наташа, Бубе, Андреј и Кате. Во контекст на своите заложби и рамка на своите можности, за овие две години постоење направивме неколку мали добрини (дебата, филмска проекција, бон-тон прирачник, трибина) за луѓето со големи проблеми наметнати од нивната попреченост. Објавивме преку 50 авторски написи, стручни текстови, преводи, репортажи, факти, совети, интервјуа, корисни линкови, фотографии и видеа. Научивме нови нешта за себе и опкружувањето. Потврдивме дека зад успешните стории не стојат многу пари, туку инвентивност, посветеност и работливост. Запознавме полно добронамерници. Стекнавме низа пријатели, но и пред три месеци го изгубивме нашиот драг Гало – верен и вреден член на тимот на ПРКОС.

Во оваа пригода, сакаме јавно и поединечно да ја изразиме нашата безмерна благодарност до неколкумина помачи и поддржувачи. Алкалоид, кој препозна потенцијал во нас и не` спонзорира од самиот почеток. Андријана Мојсовска, која го постави овој електронски медиум и цела година го ажурира на неделна база. Марија Џонс, која повремено преведува текстови од англиски јазик. Ивана Грбиќ, која од неодамна графички ги дизајнира сликите за разни прилики. Бескрајна благодарност и до сите 24 автори, учесници во серијалот „Еден мој ден“; лица со разни попречености кои витешки ги отворија прозорите од своите светови и писателски ги споделија нивните секојдневија со јавноста.

Нашиот следен проект е издавање книга од овие животописи и нејзино промовирање на пролет. Продолжуваме на наш начин да шириме култура кон различностите. Продолжуваме да пробиваме нови хумани патеки кои ќе ги поврзуваат сличниот и различниот ученик, студент, работник, сосед, роднина, другар, партнер, родител. Продолжуваме да ги негуваме најкревките цветови во општеството, бидејќи ние цутиме кога тие цветаат!

Ирена Поповска
Објавен : јануари 30, 2020