Јануари за јубилејот

Јануари го отчука стартот на третата декада од вториот милениум. Најстудениот коложег обично ја скицира и планира Новата 2021. Но, овојпат е сосем поинаку; речиси никој долгорочно не ја проектира иднината и секој се фокусира на сегашноста. А, таа наметнува само еден приоритет: уништување на злото наречено ковид-19. Надежите и стремежите на сите разумни Земјани се насочени и обединети кон сузбивање на вирусот кој цела година владее со планетата.

Првиот месец во годината името го добил од грчкиот збор Ιανουάριος и латинскиот Iānuārius. Наречен е по римскиот бог Јанус, богот на сите почетоци, премини, куќни порти, сонцето и светлината. Етимологијата на јануари води потекло од римската митологија, од каде потекнува и латинскиот збор за порта – Ianua. Јануари отсегогаш се сметал за врата кон остатокот од годината. Иако во текот на историјата, месецот првенец неколку пати го променил своето официјално име (месец на студот, на волкот, на дабот), сепак, останал поврзан со почеток на нешто ново. 

Намерно или случајно, токму во јануари званично ја започнавме нашата пркосна приказна. Граѓанското здружение ПРКОС е формално основано на 30.1.2018 од петмина ентузијасти: Ирена, Наташа, Бубе, Андреј и Кате. Во контекст на своите заложби и рамка на своите можности, за овие три години постоење направивме неколку значајни добрини за луѓето со големи проблеми наметнати од нивната попреченост. Научивме нови нешта за себе и опкружувањето. Добивме нови членови, запознавме полно добронамерници и стекнавме низа пријатели. Потврдивме дека зад успешните стории не стојат многу пари, туку инвентивност, посветеност и работливост. Кога најгололемиот дел од светот запре, ние продолживме.

Особено сме среќни и горди што во изминатата мачна и мрачна година внесоваме силен зрак светлина во македонскиот општествен простор со издавањето на книгата „Еден мој ден“. Тоа е збирка од 30 автобиографски приказни и 50-ина фотографии поместени на околу 300 страници. Преку нарации напишани во прво лице еднина, секој автор – лице со различна попреченост (параплегија, церебрална парализа, ампутација, Даунов и Вилијамсонов синдром, слепило, аутизам, слабовидност, неколку ретки болести и генетски нарушувања) прикажува како тече еден негов обичен ден како единица мерка за запознавање со текот и модусот на живејачката; со сите маки, смеи, солзи, копнежи, подеми и падови. 

Преку овие автентични животописи се доловува не само личната туку и колективна рамка на не/функционалност. Се шири култура кон различностите, се поттикнува милосрдие и грижа кон инаквоста, со што се олеснува вклучување во исклучувачките општествени патеки. Секој приказ има и информативен, едукативен и исповеден, но и уметнички, мотивирачки и терапевтски карактер. Тие се индивидуални творби со масовен домет за зголемување на свесноста за социјалните, семејните и системските теми кои се најчести за овие луѓе. За нивно вмрежување, што носи размена на информации за начини на справување со проблемите и сугестии за подобар живот. 

Прва од ваков тип во Македонија, оваа збирка ги скицира овдешните детерминанти на попреченоста, и како таква помага во нејзино разбирање од социолошки, културолошки, психолошки, па и економски и политички аспекти.

За задоволството да биде целосно, организиравме и прекрасна промоција на книгата. Во настанот беа вклучени и самите автори, секој на свој уникатен начин и по свој избор. Па така, на терасата на „Грин Хаус“ кафетерија уживавме во звуци од пиано изведба, песни пратени со гитара, рецитации… Беше тоа едно заедничко емотивно доживување на многу први лица собрани во една множина која пулсираше во еден срцев ритам со иста цел.

Во оваа пригода, сакаме јавно и поединечно да ја изразиме нашата безмерна благодарност до неколкумина помагачи и поддржувачи. Алкалоид, кој препозна потенцијал во нас и нѐ спонзорира од самиот почеток. Андријана Мојсовска, која го постави овој електронски медиум и веќе две години го ажурира на неделна база. Леа Караџовска која преведува текстови од англиски јазик. Ивана Грбиќ, која ги изработува сликите за разни прилики. Бескрајна благодарност и до сите 30 автори на „Еден мој ден“, кои витешки ги отворија прозорите од своите светови и ги споделија со јавноста. Дизајн студиото „Кома“ чии графички дизајнери про боно го изработија дизајнот на книгата, како и писателката Оливера Ќорвезироска, која го напиша нејзиниот поговор.

Нашиот следен проект е издавање илустриран прирачник за деца, со кој сакаме да ги поттикнеме нашите најмлади сограѓани да го прифатат и прегрнат животот како феномен на различности, и да ги  научиме да се однесуваат соодветно кон инаквите. Продолжуваме на наш начин да се опираме на неправдата, предрасудите и табуата; основано и аргументирано да се заложуваме за правата и статусот на луѓето со попреченост. Продолжуваме да пробиваме нови хумани патеки кои ќе ги поврзуваат сличниот и различниот ученик, студент, работник, сосед, роднина, другар, партнер, родител. Продолжуваме да ги негуваме најкревките цветови во општеството, бидејќи ние цутиме кога тие цветаат!

Ирена Поповска

Објавен : јануари 25, 2021