Јануари за јануите

Јануари ја одбележа втората година живот во пандемиски услови. Најстудениот коложег името го добил од грчкиот збор Ιανουάριος и латинскиот Iānuārius. Наречен е по римскиот бог Јанус, богот на сите почетоци, премини, порти, сонцето и светлината. Етимологијата на јануари води потекло од римската митологија, од каде потекнува и латинскиот збор за порта – Ianua. Јануари отсегогаш се сметал за врата кон остатокот од годината. Иако во текот на историјата, месецот првенец неколку пати го променил своето официјално име, сепак, останал поврзан со почеток на нешто ново.

Намерно или случајно, токму во јануари званично ја започнавме нашата пркосна приказна. Граѓанскота организација ПРКОС е формално основана на 30.1.2018 од петмина ентузијасти: Ирена, Наташа, Бубе, Андреј и Кате. Во контекст на своите заложби и рамка на своите можности, за овие четири години постоење направивме неколку мали добрини за луѓето со големи проблеми наметнати од нивната попреченост. Учиме нови нешта за себе и за општеството. Сретнуваме добронамерници и стекнуваме пријатели. Потврдуваме дека зад успешните стории не стојат многу пари, туку инвентивност, посветеност и работливост.

Особено сме среќни и горди што изминатата мачна година работевме на осмислување, пишување, илустрирање, рецензирање, лекторирање и уредување на „Цветната дружина.“ Кажано кратко, што сме автори и издавачи на првата македонска инклузивна, едукативна и интерактивна книга за деца, која во моментов е на печатење. А со која сакаме да ги поттикнеме најмладите сограѓани да го прифатат и прегрнат животот како феномен на различности. Нашата интенција и амбиција е таа да влезе во воспитно-образовниот процес на деца од 5 до 10 години, за што со тим психолози подготвуваме и Прирачник за нејзино користење од страна на наставниот кадар.

Преку нашиот електронски медиум допревме до многумина кои се натоварени со тешкотиите на попреченоста, особено во овие ковидни времиња, и се надеваме малку ги олеснивме. Со објавување на наменски содржини авторски, стручни текстови, преводи, факти и совети обезбедувавме информации за нив и за најблиските. Особен интерес предизвикаа интервјуата со експерти, како и со инспиративни лица со попреченост. Истите се споделуваа и на нашата ФБ страна, со што бројот на читатели брзо се мултиплицира.

Важно за спомнување е и објавувањето на низата од седум прилози на тема „Гласно против непристапно!“ Попрецизно, текстови и фотографии напишани од професионалци во областа и пријатели на ПРКОС од дијаспората: Ваља, Сузи, Маја, Светле, Елена, Ида, Лиле и Искра. Тие опфатија непосредни искуства и практики за решавање на проблемите со непристапноста и надминување на физичките бариери од седум најразвиени земји на светот. За важноста овие написи беше објавена и колумна на DW.

Вредно за кажување овде и сега е и видеото „Пркосиме за еднаквост“ направено во соработка со здружението Equality по повод 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Со него преку осум луѓе од разни возрасти и пречки – Васил, Марија, Цако, Дени, Кико, Беки и Гере – испративме пораки до сите општествени чинители. Видеото беше споделено на социјалните мрежи и на порталите, и имаше околу 1500 гледања

Во оваа пригода, сакаме јавно да ја изразиме нашата безмерна благодарност до неколкумината постојани помачи и поддржувачи. Алкалоид, кој препозна потенцијал во нас и нѐ спонзорира од самиот почеток. Марија Џонс и Леа Караџовска, кои волонтерски преведуваат текстови од англиски јазик. Ивана Маркоска, која доброволно почна да ги изработува сликите за разни прилики. Бескрајна благодарност и за Небошја Гелевски – Бане и тимот графички дизајнери од студиото Кома кои про боно го изработија дизајнот на книгата и кои ги продуцираат видеата за нејзиниот интерактивен дел.

Продолжуваме и во петтата година постоење на наш начин да се опираме на неправдата, предрасудите и табуата. Продолжуваме основано и аргументирано да се заложуваме за правата и статусот на луѓето со попреченост. Продолжуваме да отвараме нови хумани порти кои ќе ги поврзуваат сличниот и различниот ученик, студент, работник, сосед, роднина, другар, партнер, родител. Продолжуваме да ги негуваме најкревките цветови во општеството, бидејќи ние цутиме кога тие цветаат!

Ирена Поповска

Објавен : јануари 27, 2022