Драгана Батиќ: За резилиентноста на луѓето со попреченост

На покана на Ирена Поповска од ПРКОС, за 10 октомври, Светскиот ден на менталното здравје, решив да пишувам за силата на лицата со попреченост.
Дали некогаш сме се запрашале колку снага треба да живееш како особа со попреченост? Кај нас дури последните години почна да се зборува за силата на овие луѓе, за нивните успеси, за она што можат да го направат, често и подобро од другите, а не само за нивната попреченост. Вистиското прашање, всушност, не е што е она што им недостасува, туку како овие луѓе успеваат? Што е тоа што им помага да бидат понекогаш и за три копја подобри од другите?
Како некој, што повеќе децении делел живот со еден таков исклучителен човек, знам дека треба многу упорност, љубов, посветеност, сила и верба во животот. Но она што мене лично најмногу ме фасцинира и ми предизвикува восхит, е способноста да се совладуваат пречките, постојано и постојано, неоткажувањето ни кога ти е најтешко, верувањето во себеси и во другите…
Во психологијата тоа се нарекува резилиентност или отпорност, а претставува капацитет на личноста и нејзиното семејство за адекватно функционирање и позитивен развој и покрај тешките животни околности.
Иако систематските научни истражувања на резилиентноста се релативно нови, свесноста за резилиентноста е многу стара. Низ вековите, во разни култури низ светот, се раскажувале приказни и легенди за луѓе кои ги совладувале пречките во животот за да стигнат до успех, за хероите и хероините кои излегувале како победници од тешкотиите.
Најраните обиди да се сфати взаемната поврзаност меѓу човечкото страдање, очај и резилиентноста потекнуваат од времето пред нашата ера, а биле мотивирани од спиритуалното барање на „бог“ како одговор за страдалничките искуства кои неизбежно се случуваат во животот. Буда, на пример, на животот гледал како на страдање, а излезот го барал во осумчлениот пат на правилно живеење. За Исус, љубовта била таа со која човекот можел да ги надмине болката, изолацијата, предавството и напуштеноста.
Научните истражувањата на факторите кои го штитат менталното здравје и покрај тешките животни околности, дадоа голем придонес во развојот на „позитивната психологија“ која научно ја изучува позитивната страна на човечката природа. Самиот збор ‘резилиентност’ во францускиот и шпанскиот јазик се користи во инженерството да го означи капацитетот на материјалот да ја врати својата форма и покрај тоа што бил деформиран под притисок. Во англискиот јазик овој збор се користи за опишување на човечките квалитети аналогно на оние во инженерството.

Концептот за резилиентност нуди редефинирање на здравјето како идеална состојба во која нема проблеми и недостатоци и сугерира дека здравјето претставува капацитет за решавање на проблемите и наоѓање конструктивни начини за живеење со проблемот.
Генерално говорејќи, резилиентноста се состои од две компоненти:
- Од потенцијалот да се биде отпорен; личноста/семејството е способна да го заштити својот интегритет и покрај тешките животни околности;
- Од способноста за позитивна конструкција (за градење на својот живот на позитивен начин и покрај тешките околности).
Карактеристично за овој теориски модел е тоа што не се насочува кон слабостите и дефицитот, туку кон здравите сили во личноста.
Во психолошките истражувања на лицата со попреченост досега преовладуваше „модел на оштетување“, (за разлика од „модел на предизвик“), кој се фокусира на факторите кои ја попречуваат личноста да се адаптира на својата состојба, што создава психички потешкотии како што е депресијата.
Факторите на ризик, односно тешкотиите со кои се соочуваат лицата со попреченост се бројни, а се однесуваат на секојдневното функционирање како: здравствена заштита, едукација, можност за вработување, можност за рекреација, понекогаш дури и на отфрлување од страна на семејството. Сето ова доведува до непријатни чувства како што е тага, страв, бес и анксиозност.
Заштитните фактори, пак, се оние кои ја зајакнуваат личноста, давајќи ѝ позитивен фидбек кој ѝ помага да најде ефективна алтернатива за избегнување на пролонгиран стрес (Kalil, 2003). Овие фактори ја штитат личноста од развивање на сериозни психички тешкотии.
Овие фактори можат да бидат екстерни, кои се надвор од индивидуата, како што се семејството и социјалната средина, и интерни, кои доаѓаат од самата личност. Екстерните фактори опфаќаат социјална и психолошка подршка, како и можност за пристапност до општеството. Од друга страна, во индивидуални заштитни фактори се вклучуваат можноста за учење, свесноста за социјалната поддршка и за сопствениот идентитет и духовноста.
Резилиентноста, всушност, претставува комплексен меѓусебен однос помеѓу личноста и нејзината околина во која индивидуата може да влијае на позитивните исходи, користејќи ги интерните и екстерните заштитни фактори, во објективно тешки животни околности. За да ја развиваат својата резилиентност потребно е овие протективни механизми да се негуваат.
Екстерните, пред сѐ семејството и општеството, влијаат директно врз развивање и на личните протективни фактори. Затоа е важно нашето општеството да вложува многу, многу повеќе во сите сфери: економската поддршка, пристап до образование, пристап до здравствените и психолошките услуги, пристап до рекреативни активности, можноста за вработување итн. Само на овој начин лицата со попреченот ќе можат да ја развијат својата резилиентност, да ја негуваат својата добросостојба и да ги остварат потенцијалите што ги имаат.

За авторката
Драгана Батиќ е доктор по психолошки науки, психотерапевт и редовен професор на Фaкултет за безбедност во Скопје. Има долгогодишнио искуство како психолог во Центарот за социјална работа, каде работи од 1990 до 2007 година на дијагностика, психосоцијална интервенција и психотерапија на малолетни престапници, конфликтни семејства, брачни парови во процес на развод на брак, деца на разведени родители, жени жртви на семејно насилство. Учествувала во бројни истражувања и проекти, се занимава со клиничка, криминалистичка и со психологија на стресот. Досега има објавено четири книги, и над 50 научни и стручни трудови. Една е од инцијаторите и раководителите на Психолошко советувалиште за студенти при универзитетот „Св. Климент Охридски“, чија основна цел е унапредување на менталното здравје на студентите.
Објавен : октомври 9, 2022