Април за аутизмот

Април штотуку започна вдахнувајќи пролетна свежина во мекиот, студеникав воздух. Влеговаме во еден од најубавите месеци од годината. Етимологијата на именката април доаѓа од глаголот aperire (на латински отвора), алудирајќи на пролетното будење на природата. Можеби токму затоа и е одбран за месец за отвореност кон аутизмот, особено неговиот втор ден.

Обединетите нации првпат го признаа датумот во 2008 година, откако тоа било предложено од Шеика Моза Бинт Насер Ал-Миснед од Катар. Сите земји членки ја поддржале неговата идеја. Тој првично бил наречен Светски ден за прифаќање на аутизмот, а 2 април е еден од само четирите такви признаени од ОН за подигање на свеста за здравјето.

Повеќето активисти аутизмот го сметаат за поинакво восприемање и рефлектирање на нештата т.е. различно функционирање на мозокот. Имајќи во предвид дека до средината на 20 век аутизмот стана широко употребувана дијагноза, некако сам по себе се наметнува заклучокот дека таа е во корелација со современите, постмодерни начини на егзистирање. Па така, во моментов, најмногу истражувачи сметаат дека аутизмот е комбинација од наследните фактори и условите на опкружувањето, и дека е сосема возможно различните симптоми кај луѓето да имаат различни причини. Теориите се движат од живата во детските вакцини како причинител (иако постои изобилство од докази кои ова го побиваат), па сѐ до генетиката и возраста на родителите, како и речиси сѐ друго.

Бројот на луѓето со аутизам во светот рапидно расте. Преваленцата е зголемена за цели 15 % од 2016 до 2018 година, или едно од 59 деца е аутистично, предупредува организацијата „Autism Speaks“. Според податоците на Центарот за контрола на болестите од САД, од септември 2020 година, едно на 54 деца ќе развие некаква форма на аутистичен спектар. Тоа е речиси 2% од детската популација во развојниот период.

Следствено, медиумите се полни со приказни за аутизмот, но многу од нив не се баш точни. Со толку дезинформации пласирани во утринските емисии, на сомнителни интернет страници и форуми, за луѓето од спектарот аутистични нарушувања, но и за општеството, е важно да се споделуваат фактите. Затоа, покрај засегнатите семејства и професионалците, кои се всушност најдобрите емисари да ѝ објаснат на јавноста што е и што не е аутизмот, се вклучуваме и ние.

Дури и високо функционалниот аутизам е сериозен предизвик, односно проблем. Ниско функционалниот аутизам може да биде премногу товар за семејствата со такви членови. Тие минуваат низ многу стресови и искушенија и потребна им е помош од пријателите, од поширокото опкружување и од давателите услуги. Помагањето на финансиски и емоционален план на родителите и старателите на аутистите може да спаси нечиј брак или семејство; и секако може да го направи светот поубаво место за живеење. Сепак, во овој сегашниот и невротипичниот свет, аутистите понекогаш сметаат дека техниките на бихевиорална терапија им помагаат во справувањето со нивната состојба.  

Од овие причини, на овој пркосен сајт, во текот на цел април ќе објавуваме локални и глобални, информативни и афирмативни написи, со кои ќе допринесеме во разбивање на предрасудите дека аутизмот е целосно негативна дијагноза. Напротив, низ бројки и факти ќе докажеме дека речиси секој во спектарот на аутистични нарушувања може многу да му понуди на светот. Луѓето со аутизам се меѓу најискрените, најчесните и најпосветените луѓе што некогаш ќе ги сретнете.

Следете нѐ, споделувајте ги вашите искуства и соработувајте со нас. За општото добро. За среќата на сите. За-едно!

Ирена Поповска

Објавен : март 31, 2022