Април за апсурдите

Април, мојот омилен месец, оваа 2020та ми минува мисловно, бавно и мачно. Го сакам тревен не само поради тоа што тогаш ми е роденден, туку и затоа што некако сè живнува и се раздвижува, сè се енергизира, позитивизира и мултиплицира. Но, овогодишниот пролетен период, сè е подредено на мрачните вести и последици што ги носи Ковид-19. Да бидам реална, овие 40тина дена, мојот живот технички не е многу сменет. Како и претходно, работам од дома, ретко излегувам (додуша овојпат не сум мрднала од капија од 10 март), и се социјализирам воглавно електронски. Всушност, за мене и за многумина од 1,3 милиарда луѓе со попреченост во светот, ова чувство на издвоеност и изолираност од „нормалниот” живот не е само привремена фаза. Ние нè чекаме да заврши карантинот за да продолжи „нормалноста“ оти искуството на исклученост ни е правило, начин на живуркање.

Сепак, и за мене некои нешта суштински се менуваат бидејќи секојдневно ме вџашуваат иронии, небулози и апсурди – и глобални и локални. Ме запрепастува немоќта на најјаките светски сили да се справат со корона вирусот т.е. апсурдот на неолиберализмот што дури и во оваа криза продолжува да ги подрива моралните норми и сурово да го фаворизира капиталот. Ме фасцинира апсурдот на немањето елементарна општествена одговорност кон јавното здравје. Ме поразува апсурдот на отсутството на основна само-контрола и колективна свест на фаталистите да се почитуваат заштитните мерки сфаќајќи ги како кратење на слободата (чија идеја очигледно не им е јасна). Апсурдна е и неможноста на дел од граѓанството да ја разбере парадигмата „општо добро“, а да не збориме за придонесување кон неа. Апсурдна е и мисловната егоцентрична матрица на истите тие умови кои се водат од етосот „само за себе“, индиректно (о)ставајќи ги во втор план најподложните на Ковид-19: немоќните и повозрасните.
Живеејќи во доба на драматични промени на животните навики; битисувајќи во ера која со забрзано темпо заскита во ќорсокак; преживувајќи во опсегот меѓу полувистинитото и полувиртуелното; снаоѓајќи се во епоха на тектонски социо-економски изместувања, постоиме во состојба на бескрајно ремоделирање на себе си.

Испитувајќи (или игнорирајќи?) го своето јас во безброј облици; препознавајќи ја суштествено политичката улога на телото кое служи како обележувач на граници и одделувач на субјекти; искушувајќи ги границите на нашата (не)способност да бидеме бесконечно достапни, афектирани и засегнати; маневрирајќи по тенката црта меѓу две крајности; одржувајќи рамнотежа меѓу меките рабови на нашата внатрешност и надворешност; растегнувајќи ги нашите вештачки меѓучовечки односи до точка на апсурдност, ги колонизираме и апсорбираме (из)менувањата едни со други.

Теоријата на апсурдот (од лат. absurdus – дисхармонија, дисонанца) се однесува токму на тежнеењето кон смисла во свет кој е хаотичен, бесмислен и ирационален. Поединечно, ни човекот ниту универзумот не предизвикуваат апсурд; тој имено произлегува од нивната взаемна присутност, па и интеракција. Тесно поврзан со егзистенцијализмот и нихилизмот, апсурдизмот како битен дел од филозофијата се занимава со соочувањето со апсурдот, кога поединецот ќе стане свесен за него. Филозофот Серен Киркегор развива своја доктрина како одговор на невољите предизвикани од апсурдот, која тврди дека само страста на вербата во себе може да го трансформира и совлада ова патење. Подоцна, Албер Ками развивајќи го овој концепт, го објаснува апсурдот како раздор меѓу два идеали – човечкото трагање по смисла и ладниот, тих свет. Па така дискутирајќи три опции во фамозниот есеј „Митот за Сизиф“, наведува на заклучок дека човек треба да го прифати апсурдот на своето постоење, но и пркосно да ја продолжи потрагата по смислата.

Кажано кратко во сегашен контекст, Ковид-19 силно го тресе, но веројатно нема да промени било што во светот, а уште помалку ќе предизвика пресврт во тенденциите воочливи и пред кризата. Засега, вирусот само ѝ овозможи на Кина да ја демонстрира ефективноста на колективниот и супериорноста на комунистичкиот аспект на својот систем; која се докажа до тој степен што сега им помага на другите. Популистичките автократи ќе станат уште поавторитарни. Глобализацијата ќе продолжи да се повлекува, додека националните земји и понатаму ќе јакнат и ќе го преземаат креирањето на политиките. Во државите ќе се интензивираат судирите помеѓу олигарсите, авторитарните популисти и либералните интернационалисти, а левицата и натаму ќе биде во потрага по привлекување на гласачи.

Сѐ уште е рано да се знае како да се карактеризира општеството кое ќе биде (ако биде) настанато од оваа комбинација: во која смисла е комунистичко, а во која смисла го има воведено вирусот на индивидуалниот натпревар? Обичните луѓе пак ќе си ги зграбат старите, „добри“ навики. Сепак, многумина од нас што живеат со различни попречености нема да можат да се вратат на „вообичаените практики” кога пандемијата ќе заврши. Затоа што такви се нашите вообичаени практики. Но, она што е вообичаено, за нив ќе мора да се промени со оваа пандемија, зошто луѓето со посебни потреби се предолго исклучени од секојдневниот живот. Измените во работните практики докажуваат дека слични прилагодувања би можеле да се направат и за нас. Ама дали „инклузивната револуција” има силен морален императив или уште посилен бизнис императив?
Ние, апсурдистите, го знаеме одговорот!

Ирена Поповска

Објавен : април 27, 2020