Како да се однесувате со лицата со попреченост

Многумина од обичните (а, и тие необичните) луѓе без попреченост не знаат како да се однесуваат со лицата со попреченост. Причините се можен страв, срам или стрес, а последиците се еднакво непријатни и поразителни за двете страни. Моќта на телесниот и вербалниот говор е бесценета оти, всушност, обата се нашите социјални маркери. Тие се, практично, се` што имаме да си дадеме и примиме едни на/од други. Затоа, избегнувајте и гестовно и говорно патронизирање и сожалување. Сарказам и суптилен хумор често се добредојдени. Лицата со попреченост не се некаков под-вид од човечкиот род. Тие се пред и над се` индивидуи со изграден интегритет. Обраќајте им се директно. Понудете им помош со разум и почит. Започнете секојдневен разговор. Еве низа практични совети како на овие лица да им пријдете, да комуницирате, да се ангажирате. Притоа, никогаш не заборавајте дека секогаш пред вас има личност, а не попреченост!

Корисници на колички и лица со намалена мобилност
  • Позиционирајте се на истото ниво со соговорникот за да овозможите гледање во очи со тоа што ќе клекнете или седнете ако сте ангажирани во подолг разговор.
  • Третирајте ја количкате како дел од личниот простор на корисникот; не ја допирајте или не се потпирајте на неа.
  • Прашајте пред да му дадете помош на корисникот на инвалидска количка и прифате и „не“ како одговор.
  • Слободно користете зборови како „трчање“ или „прошетка“. Корисниците на инвалидска количка ги употребуваат и овие зборови.
  • Бидете свесни за архитектонските бариери што може да предизвикаат проблеми за корисниците на инвалидски колички, како што се степеници или недоволно широки врати.
  • Запомнете дека некои места за паркирање се резервирани за луѓе со ограничена мобилност, тие не се луксуз, туку неопходност.
  • Насочете ги вашите коментари на поединецот, а не на неговиот придружник.

Лица со слепило и оштетување на видот
  • Разберете дека и слепите луѓе можат да имаат своја изострена визија.
  • Употребувајте многу експлицитни и специфични упатства ако ги прашате нешто, притоа избегнувајте да ги употребувате термините како „таму“ или „да свртите онаму“.
  • Обезбедете информации во достапни, електронски формати за поддршка на лицето во користењето на технологија за зборување.
  • Слободно можете да користите зборови како „види“ и „изглед“.
  • Понудете ја раката / лактот кога водите некој кој е слеп.
  • Ставете ја раката на лицето на страна или на задниот дел од столчето при седнување.

Лица со говорни потешкотии
  • Дајте им на луѓето време да зборуваат бидејќи им треба повеќе за да ви одговорат.
  • Избегнувајте да ја прекинете или да ја завршите реченицата за лицето.
  • Побарајте повторување ако не го разбирате она што го кажало лицето.
  • Не се преправајте дека разбирате.
  • Бидете свесни дека можеби ќе треба да користите разни методи за комуникација, како што се пишување белешки, е-пошта или технолошки опции.
  • Бидете трпеливи и поттикнете го лицето да се изрази

Лица со оштетен слух
  • Допрете го лицето за рамото или мавнете со раката за да го привлечете вниманието.
  • Пишувајте белешки (кратки реченици, општи зборови).
  • Гледајте директно во лицето додека зборувате.
  • Не прифаќајте кимање со глава за „да“.
  • Разговарајте директно со лицето, а не со интерпретаторот.
  • Зборувајте со нормална брзина и тон освен ако не се побара да постапите поинаку.
  • Избегнувајте да стоите пред извор на светлина.
  • Не одете помеѓу двајца луѓе што користат знаковен јазик, бидејќи ќе го прекинете нивниот разговор.
  • Обидете се да бидете експресивни во јазикот на телото, гестовите и изразите на лицето.

Лица со когнитивни потешкотии
  • Бидете јасни и специфични во вашиот говор.
  • Презентирајте инструкции на прецизен и лесен начин на разбирање.
  • Давајте усни информации со одмерено темпо, користејќи паузи за да го поттикнете разбирањето.
  • Понудете синоними за да им помогнете како „имаме уште 5 минути додека не завршиме состанокот“.
  • Засилувајте ги информациите во повеќе формати.
  • Имајте на ум дека неконвенционалниот одговор може да биде под влијание на когнитивната тежина на социјалната интеракција.

Во итен случај
  • Бидете свесни за изложеноста на опасност на лицата со попреченост во итни ситуации. Можеби ќе биде неопходно да се предупреди некој кој е глув за пожар или да се доведе некој кој е слеп од дома.
  • Останете смирени за да понудите сигурност и безбедност.
  • Запомнете дека лицата со попреченост не се сосема беспомошни. Нудете помош, но давајте само кога е прифатена или побарана.
  • Користете прва помош и други постапки за итни случаи според вашата обука.

Објавен : март 31, 2019