Еден ден со Илина Георгиева

Со задоволство ја објавуваме 13та сторија од серијалот „Еден мој ден“ на слатката тинејџерка Илина Георгиева

Јас сум Илина Георгиева. Тргнав во прва година во гимназијата „Георги Димитров“ , насока – техничар за пејсажна архитектура.

Наутро станувам рано – околу 7 часот – и кога сум попладне во училиште и кога е викенд. Кога ќе се разбудам, одма станувам, пијам млеко со какао и се мијам. Рано станувам и за викенд и гледам цртани додека не станат другите.

Во школо одам со мојата асистентка Цеце со автобус. Малку имам трема да не добијам некоја двојка, ама сега учам повеќе. Децата од мојот клас се многу фини, особено Борјан и Петар.

Кога ми е тешко на некои часови, ми помага дефектологот Мери. Кај неа во канцеларија учиме математика и хемија. Уживам на часовите по ликовно, македонски, англиски и на современи технологии.

Многу сакам да одам на пливање. Одам на базенот Карпош три пати неделно. Многу ги сакам моите тренери Радован и Мартин бидејќи ме научија да пливам.

Минатиот месец еден ден бев на натпревар во Белград, каде освоив две медалји – за трчање и за фудбал.

Во Белград пливав на натпреварот, ама со пловка. Пред да влезам во водата се исплашив. Ме фати страв дека базенот беше многу голем и мислев дека ќе потонам. Кога видов дека еден тренер цело време пливаше до мене, малку се смирив. Кога ја завршив трката, бев многу среќна.

Во Белград си поминав многу убаво бидејќи градот е прекрасен . Малку шатеваме, бевме и во „Мекдоналдс“ ама и на Дунав. Најмногу ми се допадна делот кадешто Сава се влева во Дунав. Тој дел ми личи на море.

Со сестра ми Ангела одам на танц во „Денсерс Јунајтед“ и играм латино, ча ча ча, самба и румба. На танц запознав нови другарчиња: Дарија, Ема и Коља.Танцот го сакам зошто многу сакам и музика, и супер се забавувам. Многу си го сакам и мојот тренер Нермин Кочан дека убаво танцува, ни кажува смешки и стално се смее.

Сакам да одам и во дневниот Центар за Даунов синдром заедно со моите другари Марио, Стефан, Денис. Никола, Матеј и Кико. Таму пред некој ден правевме торта.

Живеам во Дебар маало. Пред влез возам тротинет, ама веќе не одиме на игралишето бидејќи има многу коли. На нашата улица живее мачката Цвета и таа има син што се вика Војче. Многу е убав и шарен.

Многу ги сакам мама и тато и моите сестри Ангела и Бисера.

Ангела има 11 години, многу е добра и сака да помага по дома, да игра на компјутер и да јаде овошје и зеленчук. Бисера е моја близначка – таа учи втора година во гимназијата „Никола Карев“. Бисера сака да се шминка, да се дотерува и да се шета со друштво. Има многу убави алишта и обетки и сака да оди надвор со штикли, ама мама ја кара.

Многу го сакам тато дека е добар и ми ги исполнува сите желби. Кога мама не сака нешто да ни купи, тато секогаш ни купува се што сакаме. Тато е многу убав и вреден и многу убаво црта и му летаат лајкови на Фејсбук.

Мојот дом е убав. Најмногу сакам да седам во детска. Таму цртам, слушам музика и спијам.

Навечер си легнувам порано. Пред да заспијам, размислувам дека кога ќе пораснам сакам да станам тренер по спорт – да ги учам децата да пливаат и да спортуваат. Тоа е мојот сон.

За авторот

Илина Георгиева има 16 години и учи прва година во гимназијата „Георги Димитров“, насока – техничар за пејсажна архитектура. Има две сестри и живее во Дебар маало. Сака да слуша музика, да танцува и да плива.

Објавен : октомври 10, 2019