Непопречена уметност

Очекувајќи повеќе сонце и поголем интерес за нашите арт работилници, ве мотивираме со текст за славната сликарка

Денот е дождлив, 17-ти. Месецот е септември. Годината е 1925-та. Градот е Мексико Сити. Една млада девојка со своето момче, по убавиот помин и ситното пазарување, го чекаат автобусот за дома. Тој доаѓа и тие влегуваат. Секунда подоцна, забрзан тролејбус му го пресекува патот. Пустош насекаде. Повреденото момче панично ја бара девојката. Ја наоѓа меѓу искасапените патници, во безсознание, прободена низ абдоменот со метална шипка. Лекарите констатираат: лезија на кичмениот столб, фрактура на карлицата, исчашено рамо, скршени ребра, неколку коски на десната нога и стапало.

Сериозно-повредената, 18 годишна средношколка е хероината на оваа приказна. Нејзиното име е Фрида Кало, име – добро познато, од култизмот до феминизмот. Мигот на сообраќајната несреќа е почеток на ново досие во нејзиниот приватен, кревок и веќе со страдање начнат живот. Но, и на ново поглавје на јавниот живот на сликарската уметност. Фрида Кало за време на долгиот период од првата и тешка рековалесценција (серија од комплицирани и болни ортопедски операции, носење метални корсети и пластични протези), почнува да слика и преку платната да ги изразува своите експлозивни емоции. Велам првата, бидејќи, таа – нејзината судбина, во едвај полните 47 (толку имаше кога почина), никогаш не престана да ја повредува. А, тој – нејзиниот дух, никогаш не престана да пркоси и да се опоравува.

Маркантната, ексцентрична мелеска со магични и продорни црни очи, дебели и впечатливи веѓи и специфична фигура, ја рефлектираше на платно сопствената животна повест, својата оштетена психичка состојба, личната филозофија кон природата, животот и индивидуалниот видик кон се` што ја опкружува. Контроверзната Фрида Кало за прват, во прво лице, сосема несвесно и спонтано го употреби и детерминираше ултра-современиот поим киборг и бесрамно го демистифицираше (на) своето накажано тело. Жената на светски реномираниот мексикански муралист Диего Ривеира, преку драматична искреност и спонтаност во надреалнистичните (?) платна, си создаде комплетно свое место во арт-универзумот. Таа беше сликарка, која со својата појава, работа и лирика, фасцинира/ше многу проминентни и разнолики уметници, но, и многу обични луѓе низ целата планета.

Фрида Кало никогаш не престана да скандализира; гласно говореше на табу-теми, имаше низа хетеросексуални афери, меѓу кои и со славниот комунистички лидер Леон Троцки, сопругата на Андре Бретон… Мажите ја обожуваа нејзината убавина и умна дрскост, жените ја презираа нејзината блудност или ја сакаа (поради) нејзината дарба да биде едноставна, а, сепак, своја. Пуританците го осудуваа нејзиниот разврат и јавното пијанење со текила, феминистките се воодушевуваа од нејзината бисексуалност. Без формална сликарска наобразба, Кало се разви во сликарка, која запрепастуваше личности како режисерот Сергеј Ајнштајн, филозофот Марсел Дишам, сликарите Василиј Кандински и Пабло Пикасо. Така, Фрида Кало, прво стана легенда, па, мит, а, сега е културна икона.

Без сомнение, Фрида Кало (беш)е една од највлијателните артисти на 20-от век. Сликајќи највеќе во кревет или во количка, користејќи го највеќе себе-портретирањето (од околу 200-те слики, повеќе од 1/3 се авто-портрети) да се “објави” и објасни себе си, и да го истражи заплетканото царство на своите чувства, нејзината уметност од оној свет раскажува и учи многу за природата на болката и страдањето. Но, под класичните интерпретации за сликарството на Кало, лежи еден помистичен феномен поради кој, таа и стана култна фигура во поп културата. Иако, е тешко да се одвои култот од личното опкружување, може без поговор да се каже, дека таа е најсуштинскиот автобиографски уметник на минатиот век.

Некои историчари шпекулираат дека Фрида Кало ја сменила дури и годината на сопственото раѓање (во 1910), само да коинцидира со стартот на мексиканската Револуција. Таа беше нескршлива во својата предаденост и посветеност кон идеалите и ја изразуваше приврзаноста и обврската кон мексиканскиот народ на секаков можен начин: преку уметноста, гардеробата, однесувањето, уредувањето и декорирањето на својот дом. За време на деновите во Националната школа, Фрида стана позната по нешто што се вели девојка со многу стил и набрзо бива приметена по ингениозната креативност. Таа често носеше рачно изработен накит, живописни фустани со домородечки мотиви и сакаше да ја врзува долгата црна коса во плетенки со панделки, повторно заради индијанските асоцијации.

Фрида Кало не останува незабележана и од цртачот на мурали во нејзиното училиште, мега-популарниот Диего Ривеира, на кого и самата му се восхитуваше. Нејзината привлеченост кон сликарот е значителна. Тие делеа толку заедничко: животна радост, пријателство, длабока љубов, предаденост кон уметноста и сурова пасија кон Мексико. Но, бракот се покажува како бурен и лабилен. Тој беше една од нејзините најголеми тешкотии против која се бореше со целото срце. “Во животот имав две незгоди”, ќе каже таа. “Првата е со автобусот, а, втората е Диего Ривеира.”

И покрај се`: физичкиот недостаток, врзаноста за постела, перманентното и неподносливо телесно страдање… продолжуваше интензивно да слика. Уметноста избиваше од жртвувањето и во неа немаше пардон; наликува/ше на примитивистичка поезија во агонија, инспирирана од бескрајна самотија, хранета со љувов, страст, јасни бои, наивни контури, фолклор. На мигови студена, морбидна и недостапна, понекогаш приемчива, топла и разбирлива; како што животот ја предодреди да робува на болката, но, и да постои и опстојува, задржувајќи ги старите, добри начини на веселост, возбудливост и драматичност.

Фрида Кало со серијата самостојни изложби во Америка и Европа, доживеа голем публицитет. Инволвирана е во движењето на надреалистите, за неа пишуваат париските модни магазини, Пикасо јавно се восхитува од нејзиното комплексно сликарство, Америка ја слави. Таа имаше и една шокантна изложба во Мексико, кога во преполната галерија, сосема неочекувано, на носила ја изнесуваат од болничка кола, во сериозно лоша здравствена состојба, ја сместуваат во кревет и ја внесуваат меѓу запрепастената толпа. Кало насмеана, во добро расположение ги забавува гостите до зори. Сите се импресионирани. Изложбата доживува вртоглав успех.

Брзо потоа ќе почине под неразјаснети околности. Последната реченица во дневникот гласи вака: “Се надевам дека живеењето е радост и се надевам дека никогаш нема да му се вратам. Фрида”.

Тој ден, се урна светот на една жена и се изгради новиот свет на една урната легенда.

Ирена Поповска

Објавен : мај 16, 2019