Гласно против непристапно

Луѓето со попреченост секојдневно се соочуваат со комплексниот проблем наречен „непристапност“. Иако нивното право на пристап е регулирано со Законите за градење и урбанистичко планирање, Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање, а е дополнително загарантирано и со Конвенцијата на Обединетите нации која е ратификувана и во Македонија, проблемот е толку често присутен насекаде, што неговото решавање станува ургентно и приоритетно. Високи, узурпирани и руинирани тротоари, улици со дупки и без визуелна или звучна сигнализација, непристапен јавен превоз, институции без рампи и лифтови, школи без адаптирани тоалети и продавници со скали се главните непристапни „црни точки“ кои оневозможуваат непречено, обично, практично функционирање на дневна база, при што додатно го усложнуваат и онака тешкиот живот на овие луѓе.

Покрај ова, многу од објектите кои се водат како пристапни имаат импровизирани рампи, кои сериозно ја загрозуваат безбедноста на луѓето со попреченост. Има исто така бројни градби кои обезбедуваат делумна пристапност до влезот, а внатрешноста им е целосно нефункционална за оваа популација. Такви се на пример некои клиники и дневни амбуланти при КЦ „Мајка Тереза“, Институтот за физикална терапија „Козле“, речиси сите училишта (освен средното „Михајло Пупин“ кое е целосно пристапно), факултети на УКИМ итн. Постојат и низа установи со добра организираност внатре, ама до кои тешко или никако не се приоѓа заради околната непристапност или немањето паркинг.

Непристапноста е следствено крупен дел од проблемот, како и предуслов за активно и масовно не/вклучување на лицата со попреченост во главните општествени текови, додека на големо се протежираат некакви политики на инклузија.

Ние не можеме да поставиме бетонски темели или да ги спуштиме плочниците, но можеме да го кренеме гласот надлежните да го сторат тоа за нас. Станете активен член на заедницата и предупредувајте за проблеми со пристапноста што ги препознавате во вашата околина со тоа што ќе ни пратите текст, фотки или видео, ние ќе ги објавуваме на нашата интернет страна, а потоа ќе ги доставиме до одговорните. Ајде заедно да викнеме ГЛАСНО ПРОТИВ НЕПРИСТАПНО!

И. П.

Објавен : мај 27, 2021